Кај струшкото село Вишни, во кањонот на реката Сушица, која часкум ја снемува, ја проголтува дното и одненадеж повторно се појавува, се наоѓа едно свето место исполнето со мистичност. Високо во карпите се наоѓа пештерна црква до која се доаѓа по тесни скали, а внатре ќе ве пречека фрескоживопис, кој историчарите го сместуваат во времето од крајот на 14 и почетокот на 15 век.
Оние што намерно или од љубопитност го посетиле ова место, сведочат дека понекогаш блеснува необична светлина, која патува по небото од еден до друг предел и е единствен феномен не само во Македонија туку и на Балканот. Атеистите велат дека станува збор за метафизичка појава, додека посветените на Бога го поврзуваат со постоењето и силното дејствување на Светиот Дух врз овој простор.
Мештаните, пак, ја поврзуваат оваа необична појава со преданието за света Спаса Вишенска и за нејзиниот брат Спасе. Близнаците биле смртни души и земски маченици, кои живееле во време на османлиите. Биле сираци без родители, а за да се спасат од гонителите, кои сакале да ги обесчестат и да ги потурчат, решиле да побегнат во дивината за да ја спасат верата христијанска. Побарале прибежиште во еден манастир посветен на свети Спас и затоа се верува дека народот им ги дал нивните имиња токму по тој манастир.
Манастирот „Свети Спас“ се наоѓал недалеку од ова место, на ридот Бабуш кај селото Заграчани и тука бегало населението од околните места. Се претпоставува дека Спасе и Спаса потекнувале токму од тоа село, но откако било запалено, близнаците се разделиле со аманет што си го дале, барем еден да преживее, и, за среќа, двајцата преживеале.
Потоа, Спаса (некаде ја викаат Спасица) нашла тајно скривалиште во кањонот на Сушица, високо во карпите, каде што го поминала својот испоснички живот, а Спасе, повеќепати тепан поради својата вера православна, живеел како пустиник низ јабланичките шуми, проповедајќи ја христијанската вера. Живеел во претходно познато пештерско живеалиште над селото Вевчани, а се упокоил во длабока старост и не се знае местото каде што е погребан.
ЦРКВА
Пештерната црква „Свети Спас“ во Вишни чува вековни тајни за маченицата Спаса или Спасица како што ја нарекуваат. Во олтарниот дел на црква, на таванот, доминира ликот на Пресвета Богородица – (пештерна), со Христос на градите. Освен неа, тука е претставен и Божјиот агнец во литургиска композиција со светите архијереи: свети Василиј, свети Јован Златоуст, како и архиѓаконот и првомаченик Стефан. На одделна композиција се насликани света Марина, света Недела, света Текла, потоа светите врачи свети Кузман и свети Дамјан, како и света Петка.
Никој не знае кога и како завршил животот на младата светителка. Преданијата велат дека не се огласила ниту една камбана за нејзиното заминување, а оние што веруваат во светлината што повремено се појавува, е дека света Спаса е сè уште жива и им помага на луѓето ако ѝ се помолат.
Моштите на света Спаса се откриени во 1927 година, во пештерната црква во која се населила, а од средината на 19 век имаме неколку непосредни извори, писма на француски и на британски конзули, кои зборуваат за страдањето на христијанското население во Струшко и кажуваат дека е убиена една девојка, а христијаните во Вевчани се жестоко мачени. Споменот на Спасе и Спаса е поврзан со празникот на вознесението Христово – Спасовден – објаснува ставрофор Александар Димоски, парох струшки.
ИСЦЕЛУВАЊЕ
Според најновите истражувања и испитувања, Спаса живеела на крајот од 19 или почетокот на 20 век, тивок и испоснички живот. Првпат се споменува во 1927 години, кога ѝ се јавила на една болна жена Марија, од Горна Белица и побарала од неа нејзините мошти да бидат собрани од пештерната црква на вознесението Христово, по течението на Сушица, во близина на Вишни. Според сведоштвата на Марија, тогаш немало скали до пештерата, туку само ортома, по која таа не можела да се качи, бидејќи страдала од тешка немоќ во нозете. Но, молејќи ѝ се на светицата која ѝ се јавила, Марија се нашла во пештерата пред нејзините мошти, кои лежеле на подот.
Оттогаш моштите се чуваат во кутија во селскиот храм во селото Вишни, прекриени со сребрена маска, изработена од кујунџиски мајстори, по барање на Љубица, жена на тешко болниот Сандре Маркоски, кој бил исцелен од моштите на света Спаса. Во годините потоа, маската на Спаса станала најценета реликвија на пештерската црква.
Оттогаш има сведоштва за мноштва исцеленија. Затоа, секоја година во приквечерието на празникот Спасовден, нејзините мошти се измиваат, а следниот ден млади девојки се молат да стапат во брак или да добијат рожба од Бога. Откако ќе ѝ се поклонат на светицата, ја земаат нејзината сребрена маска и со неа го обиколуваат целото село, одејќи од куќа до куќа и собирајќи дарови за црквата. Инаку, според традицијата, честа да ги носи реликвиите на света Спаса секогаш ѝ паѓа на најстарата немажена девојка од селото, бидејќи се верува дека ќе ѝ помогне тоа да го најде својот к’смет, т.е. своето момче. Попладнето, реликвиите ги враќаат назад.
vecer.press