Наш ИзборНаш изборОхрид

Рамиз Мерко денес ќе одговара во струшкиот суд за набавката на луксузното „Ауди“

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко денеска треба да седне на обвинителна клупа во струшкиот суд каде ќе одговара за злоупотреба на службена положба и овластување при набавката на службеното луксузно возило „Ауди А6“.

Без претходно одобрување на Годишниот план за јавни набавки од страна на општинскиот совет и во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка, тој набавил 4 возила меѓу кои и  аудито од речиси 67 илјади евра, пишува во обвинението кое беше подготвено во Скопје, но патуваше до Струга поради измените на Кривичниот законик, со кои  надлежноста премина на струшките суд и обвинителство.

Овој предмет беше инициран од антикорупциска комисија уште пред неколку години која обзнани и дека токму со помош на струшкиот суд, Мерко го набавил луксузното возило. Судот го зголемил минимумот на средства неопходни за функционирање на општината за да се купи скапото Ауди во 2017 година, иако претходните години одбивале.

Еден месец подоцна на 22-ри мај струшкиот градоначалник повторно треба да се појави во судот, но за друго обвинение. Одговара дека несовесно работел и го прекршил законот со тоа што поставил несоодветен в.д директор на училиште во селото Лабуништа. Според обвиниението наместо да именува вршител на должност од редот на вработените поставил директорка која немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа.

Мерко летоска беше ставен на американската црна листа, не само за вмешаност во корупција туку и за влијание врз судски и други процеси. Според информациите од обвинителството за него имаат десетина активни истраги и предистраги. Дел од предметите застареа поради измените на Кривичниот законик.

 

 

telma.mk