Наш ИзборНаш изборОхрид

Битиќи од Трибината во Охрид: Сите вработени заслужуваат достоинствена плата, затоа обезбедивме финансии за нивно зголемување

Работниците се силата на нашата економија и државата, затоа и во новиот пакет од анти-кризни мерки од 662 милиони евра обезбедивме финансиски средства за зголемување на платите помеѓу 3.000 и 9.000 денари, порача на трибината „Повеќе за сите!“ во Охрид потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи.

„Секој заслужува достоинствена плата, независно дали е вработен во јавниот или приватниот сектор. Затоа обезбедивме финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 – 9.000 денари во приватниот сектор“, рече Битиќи.

Тој посочи дека со деветтиот пакет на мерки се обезбедени 492 милиони евра за директна поддршка на приватниот сектор во насока на одржување на ликвидноста на компаниите , за да може, помеѓу другото, и редовно да исплатуваат плати на своите вработени, во тешки кризни моменти да ги сочуваат работните места.

„Воедно, ја поттикнуваме конкурентноста на компаниите, обезбедуваме поддршка за инвестиции во обновливи извори“, рече Битиќи.

Потпретседателот Битиќи истакна дека се продолжува и со реализирање на системски мерки за ублажување на ефектите од ценовната и енергетска криза за што се предвидени 516 милиони евра и тоа 189 милиони во 2023 година, и 327 милиони евра во 2024 година.

„Од нив, 36,2 милиони евра за зголемувањата на платите во јавниот сектор преку усогласување со порастот на минималната плата, и тоа за 2023 година. За наредната 2024 година, обезбедени се 52 милиони евра за зголемувањето на платите во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор, односно пораст на платата за 10% и исплата на регрес од 10.000 денари за годишен одмор. За истата мерка која предвидува зголемување на платите, во 2024 година се предвидени 150 милиони евра“, рече потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи.

Со гордост и високо крената глава можеме да зборуваме за она што го направивме во изминатите години. Само со пакетите финансиска поддршка имаме над 2 милијарди евра вратно кон граѓаните. Со мерките од последниот 9ти пакет финансиски поддржуваме 120.000 млади, ги поддржуваме кога им е најпотребно, порача потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев на трибината „Повеќе за сите“ вечерва во Охрид.

-По 1.800 денари месечно до крајот на школската година добиваат 35.000 ученици од средно училиште чии семејства имаат месечни примања до 50.000 денари. Тоа се 10.800 денари вкупно по ученик. Дополнително, 70.000 ученици од основно училиште добиваат по 1.200 денари месечно до крајот на школската година. Тоа се 7.200 денари по ученик. За 15.000 студенти обезбедивме ваучери за превод од 600-1.200 денари за превоз. Повеќе за сите не е само слоган, тоа е одраз на политиките на СДСМ и нашата постојана грижа за сите, рече Богоев.

Разликата помеѓу нас и ДПМНЕ е огромна, ние ги враќаме парите кај граѓаните а ДПМНЕ ги крадеше.

-Денеска зборуваме за над 2 милијарди евра пари вратени назад кај граѓаните, само по основ на пакетите мерки за финансиска поддршка. До пред некоја година во време на ДПМНЕ зборувавме за милијарди евра изнесени од земјата по егзотични оф шор дестинации, за 600- 700 милиони евра фрлени за споменици, барок, стиропор во Скопје. Тука е суштината разлика. СДСМ инвестира во луѓето, парите ги враќа назад кај граѓаните, рече Богоев.

Со СДСМ има извесност а младите сигурна и подобра иднина. Со ДПМНЕ има изолација, неизвесност и враќање назад. Тоа граѓаните знаат да го препознаат и затоа антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левица ги чека пораз на изборите. По победата на СДСМ на претседателските и на парламентарните избори заедно со вас ќе ја внесеме земјата во ЕУ и ќе ја обезбедиме засекогаш иднината на македонските млади, рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев на трибината „Повеќе за сите“ во Охрид.

 

извор: Канал 5