Наш ИзборНаш изборОхрид

Вечната светлина на Свети Климент во Бигорски

Во хармоничниот и благодатен ритам на црковниот календар, сечесниот спомен на Светиот Рамноапостолен отец наш Климент Охридски Чудотворец блеска како ден од длабоко духовно значење, бидејќи тој не е само прослава на една значајна историска личност од нашата свештена историја, туку и едно живо среќавање со него во тајната на вечноста, сокриена во Божествената Троица.

Свети Климент, народен просветител во верата спасоносна, апостол на образованието и на културата ромејска, пред нашите духовни очи стои како неугаслив факел, како незаодно светило коешто низ вековите ни го осветлува патот кон длабоката суштина на христијанското призвание. Неговиот живот, потопен во стремежот кон мудроста Божествена и кон ширењето на Спасителовото Евангелие, се разгрнува како многуплодна лоза, чиишто лозници осенуваат со Божја милина огромни духовни пространства и со своите животочни сокови напојуваат множества верни во текот на цели единаесет века.

Затоа Бигорската Света Обител, со својот Старец Владиката г. Партениј, кој особено го милува великиот наш татко и родоначалник – Свети Климент, со голема љубов се собира на молитва и благодарање во храмот, чествувајќи го неговиот спомен според евхаристискиот карактер на нашата света вера. И секое испеано песнословие, секоја покајничка воздишка, секоја изговорена молитва, со усни и со срце, е акт на учество во живиот Христос и во живот на Неговиот Светител.

Денеска, пак, соборниот бигорски храм, украсен во својата литургиска величественост со евхаристиското тајноводство на Старецот, на некој благодатен начин минуваше низ времето и просторот, станувајќи причастие на небесната трпеза. Во овој освештен мисловен простор, наследството на Свети Климент не само што достоинствено беше споменато, туку е и присутно, живо и активно.

Светителу Христов, отче наш Клименте, погледни од Небото и види и посети го ова твое лозје, очисти го од трњето на омразата и на зависта и заслади го со благодатните сокови на љубовта, сострадателноста и благодарноста.

Амин.

 

Бигорски манастир