четврток, ноември 28, 2024
АктуелноОхрид

„Философија на моќта III“ нов стручен труд од Калистрат Санџакоски

Философот Калистрат Санџакоски од Струга неодамна го промовираше својот стручен труд „Философија на моќта III“ , станува збор за трета книга посветена на проучувањето на моќта „што се раѓа од духот на несвесното и потсвесното“, а издавачката куќа ,,Арс Ламина“ токму со овој стручен труд го одбележа Светскиот ден на философијата, 16-ти ноември.

Да ја напишам книгата „Философија на моќта: морфостетска дијалектика“, која е трета од серијата за моќта, ме поттикнаа неколку идеи. За човечкиот ум да создаде применлив и разумен систем од апстрактни правила и принципи, стварноста наспроти него треба да има изграден семантички, социјален, материјален, физиолошки, невролошки, биохемиски и било-каков друг поредок со функционална структура и внатрешност. Но поредокот мора да биде во себе доволно
сложен за да можеме да изградиме апстрактен систем што ќе биде корелат на стварниот поредок, за да го примениме системот на дело при споредба со неговиот корелат и за да го објасниме со помош на системот посакуваниот сегмент од поредокот. Оптичките нарушувања не влегуваат во таквите поредоци
бидејќи се поим за против-поредок и контра-поредок. Нивните структури се изобличени, непрегледни и бесмислени, тие се сложени, но релативниот хаос е нивната единствена „суштина“. Врз нив не може да биде втемелен ниеден разумен систем, ниту може да ги експлоатира нивните содржини системот во
настанување.“-изјави Санџакоски за Strugaonline.

Toj на разни начини и со различни пристапи се обидува да го покажe токму спротивното, искажувајќи го своето уверување дека основа на секоја нова синтеза помеѓу стварниот поредок и апстрактниот систем се псевдоструктурите на оптичкото нарушување.
,,Всушност, се застапувам за уметнички, не за дуалистички пристап кон проблемот. Но, со тоа не ја исцрпив целосно оваа проблематика. Тематската траекторија на серијата не ми дозволува во скоро време да се осврнам на дополнителните аспекти поврзани со магистралниот дискурс во книгата, какво што е прашањето: зошто оваа теза е тесно поврзана со поимот моќ?“-потенцира авторот.

Калистрат Санџакоски е роден во 1990 година во Струга, во семејство на истакнати црковни интелектуалци и духовници и растењето во таа духовна и интелектуална средина го предодредува неговиот понатамошен развој. Уште во гимназиските денови, тој се определува за општествено-хуманистичките науки.
Во 2009 година завршува гимназија во родниот град. Во 2012 година дипломира на престижната Духовна академија во Санкт Петербург. Во 2018 година успешно ја брани својата магистерска теза на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ со наслов: „Два спротивставени аспекти на моќта – Нихилистичкиот и исихастичкиот“. Неодамна се запишува на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Тој е автор на голем број текстови и научни трудови објавени во престижни домашни и странски списанија.

 

strugaonline.com