недела, ноември 17, 2024
Охрид

Чудотворната икона на Пресвета Богородица и лековитата вода во исконскиот манастир Св. Богородица Пречиста Кичевска

Повеќе од еден век, на 21 септември, односно на празникот “Мала Богородица” манастирот го празнува овој верски празник. Традицијата досега е непрекината што е уште еден податок кој говори за големната на манастирот. Се смета дека секоја година на празникот, во манастирот доаѓаат преку 20.000 луѓе од Македонија но и од другите земји од светот.

Иконата на светицата во манастирот датира од 18 век и карактеристично за неа е што рацете се изработени од сребро. Се вели дека кога и се обраќате со молитва и искрена вера помага во исполнувањето на желбите и пронаоѓа лек за низа болести.

Ако ве наведе патот кон Кичево, никако не пропуштајте да го посетите исконскиот манастир Св. Богородица Пречиста Кичевска. Црквата во манастирот е една од најголемите цркви во Македонија и пошироко, а внатрешноста изобилува со уникатен иконостас и фрескоживопис. Над изворот  во самиот манастир се наѓа чудотворната икона на Пресвета Богородица со Исус во рацете. Иконата датира од 18 век и карактеристично за неа е што рацете од Богородица се изработени од сребро. Се вели дека кога и се обраќате со молитва и искрена вера помага во исполнувањето на желбите и пронаоѓа лек за низа болести.

Една легенда долго време се пренесува од поколение на поколение и секој збор кажан во неа создава морници по телото. Сржта на легендата е во силината на севишното, во надрелноста која за многумина е реална, посебно за верниците. Таа ја раскажува приказната за градењето на манастирот Св. Богородица Пречиста Кичевска. Мештаните од кичевско решиле да градат манастир лика и прилика на големите грандиозни архитектонски зданија во чест на Св. Богородица. Локацијата на местото што ја избрале за да се гради манастирот била во близината на Кичево односно на местото каде денес се наоѓа манастирот Св. Ѓорѓија. Поставиле икона на светицата на местото и си заминале. Утредента иконата ја немало. Градителите помислиле дека некој ја украл, но веднаш разбрале дека иконата се наоѓа на друга блиска планина. 

Пошле на тоа место и ја нашле иконата како е поставена на вода односно на извор. Си рекле дека треба да ја вратат без да знаат што се случило. Но, иконата неколку дена ја наоѓале на изворот. Според легендата, во доцните вечерни часови огнената икона на пресвета Богородица во пламења летала од местото каде што ја поставиле до местото каде има извор и многу вода. Тогаш мештаните решиле дека Богородица сама си го одредила местото на градењето на нејзиниот манастир. Чудно, но манастирот навистина е изграден на вода…

Манастирот посветен на Св. Богородица – Пречиста или попозната како Кичевска претставува духовен центар на Кичево и поширокиот регион. Сместен е на планината Врвој, на надморска височина од 920 метри. До него се стигнува кога излегувате од Кичево и одите по магистралниот пат кон Битола, на 5 километри јужно од градот. Она што восхитува пред да појдете до манастирот е долгиот асфалтиран пат до него кој е вијугаст, со многу остри кривини. Но, природата тука ја растурила сета своја раскош.

Замислувате како да одите по патот со облаците, горе небото, долу земјата, а околу вас недогледен пејсаж од некоја уметничка слика на некој ренесансен сликар. Боровите од една страна ве зашеметуваат пријатно со својата миризба, а од другата страна дабовата шума создава фантастична глетка, но во недоглед. Мајчината душица по патот која ја има во изобилство само ја засилува убавината на природата. И се е така мирно, спокојно, а вие се чувстувате како да одите во прегратките на нешто исконско. Долг е патот, но желбата да се види монументалниот манастир е веројатно поголема за многумина. И одеднаш, надишени со чист планински воздух, здогледувате од далеку помеѓу гранаките на дрвјата една мала врата. Со секој чекор таа се зголемува и вие веќе сте стигнале до голема масивна, двокрилна дрвена врата на манастирот која ја следи логиката на просторот и одлично се сложува со богатата шума.

Вратата се отвара со неверојатна леснотија, а глетката на манастирот може да ве остави без здив. Здогледувате неколку реални слики одеднаш, најпрвин конаците кои се висококатни и изградени. Тие елегантно и заштитнички ја опкружуваат црквата, која е една од најголемите во земјава, но и пошироко каде МПЦ има свои цркви. Таа е поставена во средишниот дел на манастирскиот круг, а дворот во кој се наоѓа чешма со изобилна вода убаво и внимателно е уреден со зеленило и цвечиња за кои се грижат калуѓерките кои тука го нашле својот духовен мир. Спокојната и хармонична атмосфера е надополнета и со малите припотомени срнички кои како свој дом го избрале овој манастирски комплекс. Идеалната композиција ја надополнува видикот и прекрасната панорама.

Историја на манстирот

Според преданијата, 500 метри подолу од денешниот манастир, се издигал уште еден манастир, „Крнински” манастир кој името го добил според селото Крнино кое денес не постои како и самиот Крнински манастир. Манастирот Св. Богородица Пречиста датира од 14 век. Тој три пати бил уништуван. Во далечното минато постојат записи во манастирските книги во кои меѓу другото се вели дека бил уништен во 1515 година заедно со Бигорскиот манастир, кога по заповед на султанот Селим се уништени сите манастири. Но, набргу дошло до обнова од страна на манастирските браќа, ама кога манастирот повторно зајакнал и бил богат, кон средината на 16 век често бил ограбуван од арнаутите.

Во 1558 година овој манастир бил опожарен, а набргу во 1564 година е обновен за време на султанот Сулејман. Се вели дека во 1843 година манастирот изгорел до темел, а црквата останала затоа што била градена од камен. Но како мала, а внатре опожарена, игуменот Теодосиј (кој е погребан на северната страна од влезната врата на цркавата) ја урнал и на нејзино место ја подигнал денешната црква во 1848 година со помош на народот од цела западна Македонија.

За архитектурата

Конаците кои се наоѓаат околу манатстирот восхитуваат со архитектонската поставеност и убавина. Тие создаваат полукруг околу црквата. Во нив се забележува автентичана македонска архитектура со неизбежни дрвени елементи. Еден конак е зачуван од 18 век, но подоцна е обновен. Сите конаци кои подоцна се изградени се автентични како во времето кога и биле на ова место. Порано манастирот поседувал и конаци од северната страна, но во 1954 година се срушени затоа што биле во лоша состојба, сега повторно изградени.

Денешната црква е навистина голема. Не е налик на другите цркви, па се издвојува со својата монументалност. Интересно е тоа што црквата почива на вода. Но, за да се добие стабилност, кога ја граделе, употребиле церово дрво кое има способност да биде многу трајно кога се наоѓа во вода. И покрај тоа што црквата е изградена пред повеќе од 150 години, таа ги поднесла сите невремиња. Црквата има една купола и импресивни големи ѕидови. Изградена е од камен, а во апсидниот дел со бигор и токму затоа поседува голема цврстина и издржливост.

Во внатрешноста на црквата се влегува преку една голема дрвена врата. Карактерисатично за внатрешноста е тоа што таа е неверојатно голема. Куполата е огромна, поставена на носечите ѕидови, а не на четири столба каков што е случајот со повеќето куполи. Применета е технологија на градба која не е вообичаена во православна игумена. Просторноста помага секој верник кој сака да се моли, да може да го следи богослужбениот елемент на оној што служи буквално од секое место.

За живописувањето на нејзината внатрешност биле ангажирани познатите македонски зографи, Дичо Зограф и неговиот син Аврам, кои со својот впечатлив сликарски талент ја вброиле црквата во групата на исклучително вредните компоненти од македонската културна ризница. Дичо Зограф, во 1852 година, го насликал олтарниот простор, додека Аврам, триесетина години подоцна, работел на куполата и во јужниот и северниот дел од наосот. Во црквата со својата вредност се истакнува и прекрасниот иконостас, како и црковните книги меѓу кои е четвороевангелието од 14 век и Псалтирот од 15 век.

Карактеристично и вредно да се спомене за оваа црква е тоа што самиот објект е поделен на два одделни дела, од кои едниот е христијански храм-црква, а вториот сакрален простор е наменет за луѓето од нехристијанската религија кои тука ги реализираат своите религиозни потреби, но и за оние кои не се крстени. Кристалните лустери се импозантни исто како и гомемите икони кои пленат со исклучително добрата техника на изработка. Во црквата се наоѓа и извор со света вода, посветен на света Богородица, каде луѓето го бараат својот спас, лекот за низа болести и исполнувањето на желбите.

За чудотворната икона на Пресвета Богородица

Во црквата се наоѓа и извор со света вода, посветен на света Богородица, каде луѓето го бараат својот спас. Над изворот се наоѓа икона на Пресвета Богородица со Исус во рацете. Иконата датира од 18 век и карактеристично за неа е што рацете од Богородица се изработени од сребро. Се вели дека кога и се обраќате со цврста молитва и искрена вера помага во исполнувањето на желбите и пронаоѓа лек за низа болести. Обично верниците и се обраќаат за да имаат деца, за да си најдат љубов, за болести, мир и покајание.

Иконата е надалеку позната ширум светот и многу луѓе се молат пред неа.  Добро е  чувана од страна на манастирот, но и од луѓето кои доааѓаат да помагаат во манастирот.

Она што е исто така интересно и привлекува внимание е бунарот со свежа вода веднаш до иконата. Од него може да се наполни вода, па дури и да се земе во повеќе шишиња за дома. Се верува дека водата е света, дека прави чуда. Неколку приказни кои се раскажуваат за оваа вода опишуваат дека помага кај жените кои не можат да забременат, кај луѓе со сериозни здравствени нарушувања, кај оние кои не можат да си го најдат спокојот и мирот во душата. Иконата и водата во заедништво велат дека исцелува.

Инаку, манастирот бил значаен културен и препишувачки центар. Низ својата историја имал братско монаштво, а тука се организира и првото ќелијно училиште во тој регион па покрај религиозната содржина, се негувал и националниот елемент преку песни, ора, писма.  Во овој манастир работеле и Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски и Козма Пречистенски.  Интересно е тоа што во овој манастир во 1924 година е замонашен г.г. Доситеј, првиот македонски архепипископ на возобновената древна Охридска Архиепископија. Во 1964 година е замонашен и архиепископот Кирил.

 

 

 

zenskimagazin.mk