АктуелноОхрид

Успешно издание на третиот меѓународен пливачки митинг „Ohrid open 2023“

На Градскиот базен „Атина Бојаџи“ во Охрид, во организација на охридскиот пливачки клуб „Акваспирит“, вчера се одржа Третиот меѓународен пливачки митинг „Ohrid open 2023“.

Настапија 189 натпреварувачи од 20 клубови, меѓу кои и најдобрите домашни пливачи, како и гости од соседството. Согласно пропозициите на митингот пливачите се натпреваруваа во шест возрасни категории во машка и женска конкуренција, од најмали 2012/13 година па до сениори 2005 година и постари.

– Зад нас останува уште една успешна организација и полека го етаблираме нашиот митинг во пливачкиот календар кај нас и пошироко. Многу позитивна енергија, многу насмевки и задоволни учесници, професионален судиски тим и одлична организација. И покрај екстермните температури кои го зафатија Охрид деновиве, кои дефинитивно ни создаваа проблеми, за среќа медицинската екипа немаше ниту една сериозна интервенција, порачуваат организаторите од „Акваспирит“.

Настанот низ бројки:

– Највреден резултат (мажи) Мартин Стефановски од ПВК „Орион“ од Скопје 100 метри слободно со време 57.46 и освоени 542 бода;

– Највреден резултат (жени) Леона Величковска ПК „Бета Шаркс“ од Скопје 50 метри слободно со време од 29.33 и освоени 525 бода;

– Најголем број натпреварувачи ПК „Акваспирит“ од Охрид со вкупно 33 натпреварувачи;

– Најдобар пливач на митингот – Мартин Стефановски од ПВК „Орион“ од Скопје со вкупно 2.025 бода од 4 трки и

– Најдобра пливачка – Леона Величковска од ПК „Бета Шаркс“ од Скопје со вкупно 1.973 бода од 4 трки.

Учесниците ги поздрави и заменик-градоначалникот на Општина Охрид Перчо Божиновски кој порача дека сите заедно докажавме дека сме искрено посветени на охридското пливање да му го вратиме стариот сјај.

– Искрени честитки до Пливачкиот клуб „Акваспирит“ кој за овие три години успева да организира пливачка манифестација во која сите уживаме. Ние, како Локална самоуправа остануваме доследни на нашите заложби за континуирано помагање на спортот и спортистите. Верувам дека пливачкиот митинг во иднина ќе расте и во квантитет и во квалитет и со тоа Охрид ќе биде центар на македонското пливање. На натпреварувачите им посакувам врвни резултати и пријатен престој во Охрид, истакна Божиновски.

May be an image of 4 people, pool and text

На пливачкиот митинг учествуваа 20 клубови ширум земјава. Покрај од Охрид, се претставија деца од Струга, Скопје, Битола, Штип.

May be an image of 7 people, people swimming and text

Помагатели и спонзори на настанот беа: Општина Охрид, Магна Мирорс, Мактек ДООЕЛ Exsplosives & Construction, Сивус едукативен и развоен центар, Супер Радио Охрид и ЈП „Билјанини извори“ Охрид.

Повеќе за целиот настан од интервјуто за Супер радио и OhridPress на тренерот Миле Јованоски.