сабота, ноември 23, 2024
АктуелноОхрид

(ФОТО) Пецаков во Париз присуствуваше на чествувањата посветени на светскиот познат научник, по потекло од Охрид, д-р Анастас Коцарев

Ја имав честа да присуствувам на чествувањата посветени на светскиот познат научник, по потекло од Охрид, д-р Анастас Коцарев. Настаните се организираа во Париз, по повод 133 години од неговото раѓање и 92 години од неговата прерана смрт, напиша на својот ФБ профил градоначалникот Кирил Пецаков.

Во продолжение ја пренесуваме објавата на градоначалникот во целост:

Заедно со градоначалникот на париската општина Бонди, Стефен Ерве положивме венец на гробот во знак на заедничка почит кон научникот и гест на поврзување и соработка во иднина.
Среќни сме што нашата историска ризница која има непроценлива вредност за светот, ќе биде збогатена со уште една уникатна приказна, за човек кој се родил во нашиот град и кој оставил бесценето наследство за човештвото. Со ликот и делото на д-р Коцарев, Охрид ја комплетира својата биографија како место од кое потекнуваат голем број истакнати великани, кои оставиле значаен печат низ неговото милениумско постоење. Општина Охрид веќе отпочна низа подготовки и активности со цел името на д-р Коцарев да го добие своето заслужено место во мозаикот на непроценливи вредности, кои внимателно ги чуваме и почитуваме.
Како Општина имаме цел да поведеме иницијатива за соодветно обележување на родната куќа на д-р Коцарев во Охрид, а планирано е да биде спроведена и постапка за именување на улица и медицинска установа со неговото име.
На форумот „Одблесоци. Д-р Анастас Коцарев. Еден век потоа“ кој се одржа во црквата „Св.Кирил и Методиј“ и на која беа присутни претствници од македонската заедница во Франција, во своето обраќање истакнав дека „Ние денес, како национални држави имаме свои национални херои и свои национални лидери, но „граѓаните на светот“ се планетарни битија кои дале придонес за општото добро на сите народи и нации. Тоа „светско граѓанство“ можеме да му го припишеме и на д-р Анастас Коцарев имајќи ја во предвид неговата пожртвуваност и работа во делот на медицината. Д-р Коцарев за нас Македонците ја положи Хипократовата заклетва многу порано од современиот текст кој го познаваме денес. На ист начин тој постапуваше и со македонското прашање и борбата на македонскиот народ за независност. Тој со сите свои сили ја бранеше честа и достоинството на својот народ во мигот кога се кроеше судбината и новите политички граници на Париската мировна конференција и остана доследен на стремежот за македонска држава.
Градоначалникот на Бонди, Стефен Ерве ги поздрави иницијативите во насока на поголемо партнерство меѓу двете општини и најави возвратна посета на Охрид со цел да го види градот на УНЕСКО во кој се родил д-р Анастас Коцарев.

Извор: ФБ Кирил Пецаков