Претставници на бугарските здруженија во Република Македонија денеска ќе остварат средба со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Средбата доаѓа во пресрет на истекувањето за законскиот рок за пререгистрација на здруженијата, чиишто имиња се сметаат за навредливи и провокација која што предизвикува тензии меѓу Скопје и Софија.
Бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Клубот „Цар Борис III“ од Охрид веќе се обратил до Централниот регистар и нивното барање е во процедура. Тоа не е случај и со битолскиот клуб „Иван Михајлов“, кој најавува дека правдата ќе ја бара пред меѓународниот суд во Стразбур.
На 10-ти февруари до Централен регистар е доставено барање за усогласување на работата на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис III“ од Охрид со Законот за здруженија и фондации.
– На барањето од подносителот е доставено известување за доставување на пријава и прилози согласно Законот за здруженија и фондации. Постапката по барањето е се уште во тек. За здружението „Иван Михајлов“ од Битола, не е поднесено барање/пријава за упис на промени согласно новите измени на Законот за здруженија и фондации, велат од Централен регистар за DW.
Утре истекува рокот од три месециво кој бугарските здруженија треба да се усогласат со измените во Законот за здруженија и фондации, според кои, здруженијата на граѓани во својот назив не можат да употребат имиња на луѓе кои по која било основа се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх. Измените на Законот за здруженијата и фондациитестапија на сила на 16-ти ноември. Ако здруженијата кои имаат имиња што се косат со одредбите во законот, не направат усогласување, односно преименување, министерот за правда треба да донесе одлука за неусогласеност во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на законот (до 16-ти март), по претходно негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња, и врз таа основа Централниот регистар треба ги избрише.
Докче Веле