Со длабока почит и гордост денес го одбележуваме 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Овој голем ден е симбол на вековниот копнеж, пркосот и непоколебливата волја на македонскиот народ за слобода, правда и сопствена државотворност.
Пред повеќе од еден век, шестмина визионери го поставија темелот на организираната борба, палејќи ја искрата која прерасна во сенароден пламен. Од 1893 година, преку Илинден 1903, па сè до државотворниот АСНОМ во 1944 година, генерации родољуби ја вградија својата младост и животи за идејата за слободна, самостојна и независна Македонија.
Охрид е лулката на македонската писменост, духовност и култура и отсекогаш имал посебно место во оваа историска епопеја. Вредностите и храброста на нашите предци се вградени во секој камен на нашиот древен град и во нашата колективна меморија.
Денес, борбата на нашата генерација е поинаква, но исто толку важна. Се бориме со знаење, труд, чесност и посветеност. Наша должност е да градиме модерен, развиен и европски Охрид, град во кој младите ја гледаат својата иднина на дедовината, а постарите живеат во достоинство и мир. Почитта кон минатото ја докажуваме со дела во сегашноста, со секој нов проект, подобра инфраструктура и постојана грижа за секој еден граѓанин.
Нека ни е честит и вековит 23 Октомври!
Да ги чуваме нашиот идентитет, историја и традиција, да бидеме обединети пред сите предизвици и заедно да градиме подобра иднина за Охрид и за Македонија.
Да е вечна и благословена нашата татковина!















