сабота, ноември 23, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Охриѓани и оние кои ова лето планираат да го посетат Охрид, ќе уживаат во уредени плажи како што доликува на градот , вели Пецаков во интервју за МИА

Општина Охрид и Владата, односно ресорните министерства имаат одлична соработка во однос на спроведување на препораките за зачувување на статусот заштитено подрачје во УНЕСКО, потенцира градоначалникот Кирил Пецаков.

Тој во интервју за МИА посочи дека спроведувањето на дел од препораките за зачувување на статусот во УНЕСКО би чинело колку општинскиот буџет за една и пол година, но оти ги реализираат работите чекор по чекор. Со помош на централната власт, нагласи, работат на реализација на проектот за изградба на регионална депонија во Новаци, со што ќе се дислоцира депонијата од Буково, како една од забелешките на мисијата.

Во однос на проблемот со дивоградбите во крајбрежниот појас и националниот парк „Галичица“ Пецаков вели дека е потребно да заврши изработката на регистарот за дивоградби и да се донесе генерален урбанистички план, во кој треба да се вклопат дел од споменатите објекти.

ГУП-от очигледно е најголемиот проблем на Охрид и генерирањето на овие дивоградби, бидејќи конечната бројка што ќе ја добиеме како дивоградби во Охрид не се однесува за згради, туку најчесто се семејни куќи и куќарки, дури и многу далеку од центарот на градот. Затоа е битно да се види што е тоа што може да се вклопи, рече Пецаков.

На охриѓани и оние кои ова лето планираат да го посетат охридското крајбрежје им вети дека ќе направи се да уживаат на уредени плажи, онакви какви што му доликува на Охрид. Локалната самоуправа, нагласи, организира низа забавни содржини кои ќе привлечат што поголем број посетители надвор од таканаречениот шпиц на туристичката сезона, а една од тие е „Фестивалот на вода“, што треба да се одржи во втората половина на август. Покрај Охридскиот пливачки маратон оваа манифестација ќе понуди акватлон, трка со кајчиња, ватерполо, регати со едрилици, со кајаци…, но и вечерни забави.

Во интервјуто Пецаков говори и за реализацијата на клучните инфраструктурни проекти ветени во неговата предизборна програма, како што се изградбата на катна гаража, реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“ инвестициите во образовниот систем, а најави и изградба на две нови училишни згради.

 

миа