Главниот град Скопје деновиве повторно руши рекорди по загаденост,со што влезе во сериозна трка да стане најзагаден град во светот. Жителите на главниот град изутринава се разбудија обвиткани во густ смог, а ситуацијата не е ништо подобра ниту во градовите во внатрешноста каде изминативе денови се чувствува чад во воздухот и се потешко се дише. Граѓаните се советуваат да ги затвораат прозорците и што помалку време да поминуваат на отворено. Спасот од загадувањето многумина повторно го побараа во носењето заштитни маски на отворено, објави DW.
Скопје денеска во еден момент се искачи на третото место по загаденост на листата на поголеми градови во светот – со индекс на загаденост од 182. Први на листата се Делхи во Индија со индекс од 215 и Лахор во Пакистан со 255. Главниот град на Северна Македонија води „мртва трка“ со Сараево во Босна и Херцеговина, каде индексот на загаденост денеска е 177. Подолу на листата се градови во Кина, Ирак и Монголија, но и Белград во Србија и Софија, Бугарија.
Загадениот воздух во Гази Баба, Гостивар, Струмица, Битола, Прилеп и Кавадарци изутринава го вклучи алармот на мерните станици, кои забележаа висок индекс на опасен воздух. Мобилните апликации за мерење на квалитетот на воздухот, кои денеска засветеа виолетово, укажуваат на екстремно загаден воздух и во Охрид, Доминантен загадувач се ПМ 2.5 честичките.
Надлежните стравуваа дека не очекува тешка зима во која ќе се користат нечисти горива за производство на електрична енергија и за затоплување на домовите, што ќе го зголеми загадувањето на воздухот. Невладините организации изминатиот период посочуваа дека зимава ќе има големо загадување поради ПМ честичките, како и емисиите од стакленички гасови кои ги испуштаат сите термоелектрани, кои ќе користат јаглен и мазут. Граѓаните кои не можат да врзат крај со крај често посегнуваат по се што ќе најдат за да ги стоплат своите домови, не водејќи смета за густиот чад кој се издига од нивните оџаци.
Текстот во целост на: DW.