понеделник, ноември 18, 2024
АктуелноОхрид

(ФОТО) Анатолиј Карпов во „Метропол“ во 1975 год.

Анатолиј Евгениевич Карпов советски и руски шахист, поранешен светски шампион во шах, во 1975 год бил во Охрид. Фотографија од оваа посета е објавена на социјалната мрежа фејсбук и при тоа објавувачот напиша:

– На симултанка со Анатолиј Карпов во „Метропол“ на 13ти окт. 1975.

Карпов научил да игра шах во родниот град Златоуст, гледајќи ги партиите на турнирите, а потоа се зачленил во градската шаховска школа. Многу бргу напредувал, па веќе на 24 години, во 1975 година, станал светски првак во шах. Титулата светски првак ја задржал до 1984 година, кога во маратонски меч, по одиграни 48 партии, од кои 24 последователни реми партии, против Гари Каспаров, побарал мечот да биде одложен поради умор. Нивниот следен двобој се одиграл во 1985 година, кога Карпов убедливо бил поразен и ја загубил титулата светски првак во шах. Во тој интервал од 10 години, тој успеал двапати да ја одбрани титулата, со тесен резултат во 1978 и во 1981 година. Во 1978 година, борејќи се против Виктор Корчној, со победа од 6-5, Карпов ја задржал титулата светски првак во шах. По 1985 година, Карпов и понатаму бил еден од најдобрите светски шахисти, но постојано бил во сенка на Гари Каспаров. Подоцна, Карпов повторно станал светски првак во шах со победата над Јан Тиман, а титулата ја бранел двапати: во 1996 година против Гата Камски и во 1998 година против Вишванатан Ананд.

71-годишниот Карпов е поранешен светски првак во периодот од 1975 до 1985 година. Тој освои уште три титули во организација на ФИДЕ, во 1993, 1996 и 1998 година.

Инаку во моментов Карпов, е во многу тешка здравствена  состојба. Тој беше приклучен на респиратор, откако под се уште неразјаснети околности доживеа тежок пад.

Карпов при падот се здобил со тешки оштетувања на мозокот и скршеница на ногата. Веднаш бил хоспитализиран во болница во Москва. Причината за страшната несреќа не е позната, падот се случил пред руската Дума во Москва.

 

фото: фејсбук