Со проглаување на Наум Целакоски и Павле Митрески за почесни членови на библиотеката „Григор Прличев” денеска во Охрид почнуваат активностите за одбележување на празникот Свети Климент Охридски – патронот на градот.
Чествувањата ќе продолжат со концерт на учениците од општинкото музичко училиште „Методи Патче”, по што следува изложба „Охридскиот регион – универзален духовен и природен раскош” од Нина Ангелоска и одбележување на патронатот на општинското основно училиште „Свети Климент Охридски”.
Општина Охрид, пак, утре ќе одржи свечената академија по повод 8. декември, Денот на Свети Климент Охридски – патрон на градот. Ќе биде промовирана книгата за „Светите браќа Климент и Наум” од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, а ќе бидат поставени и изложби на Фото клуб – Охрид и на учениците од ОСУ „Свети Климент Охридски”.
Програмата треба да продолжи на празникот, в четврток со поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон” на Плаошник. Потоа предвидено е полагање цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во училишниот двор на ООУ „Свети Климент Охридски” и на момументалниот споменик на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад, како и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид.
Програмата ќе се заокружи со настап на Македонските фолклорни ансамбли во чест на Свети Климент Охридски на големата сцена во центарот за култура „Григор Прличев”.