сабота, ноември 23, 2024
АктуелноОхрид

Димоски: Нарачан и политички мотивиран прогон кон мене, со задоволство ќе ги разобличам нарачателите

Со оглед дека последните речиси две години, заканите кои ги добивав од различни центри се однесуваа на мојот физички интегритет, морам да признам дека ми е задоволство што Јовески решил со мене да се пресмета на ваков начин, објави на неговиот профил на Facebook обвинителот Воислав Димоски од Охрид, за кого  Основното јавно обвинителство Струга до надлежниот суд поднесло обвинение против поранешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид за продолжено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.

– Без оглед каква е состојбата во правосудството, судницата сепак е мој терен, а околноста дека некој во сопствената интелектуална и стручна немоќ зел да ја злоупотребува позицијата за пресметка со неистомисленици, најмалку зборува за мене. И покрај непријатностите и околноста што е надвор од етиката и од законот лиферувањето на вакви информации, ми претставува задоловолство што самата дебата се преместува на терен на јавноста. Очекувајте целосно да ве информирам за текот на нарачаниот и политички мотивиран прогон кон мене и при тоа со задоволство да ги разобличам нарачателите на истиот.
Дедо ми велеше дека чавките секојпат напаѓаат во јато. Така и овојпат. Арно ама ние сме родени за посериозни битки, а не за бркање чавки. Слобода или смрт, напиша Димоски.

фото: архива