АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Донев:Општината уште долго време ќе издвојува средства од буџетот за јавните претпријатија, но ситуацијата е алармантна

Претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев, на денешната 15 седница потсети дека ЈП „Градски гробишта“ произлезе од ЈП „Охридски Комуналец“ на времето кога требаше да се направат повеќе ЈП-ја за да се вработат повеќе луѓе и оттогаш до денес и ЈП „Градски гробишта“ и ЈП „Градски пазар“ имаат недостиг на финансиски средства и не можат да ги покријат платите за вработените, а не и нешто да преземат сами.
ЈП „Градски гробишта“ функционира на начин што Општината наоѓа пари да му купи парцели за гробни места, а претпријатието си ги продава парцелите. Во изминативе две години на ковид криза, ЈП „Градски гробишта“ и кога минатата локална власт се фалеше дека е одблокирана сметката, се продадени над 250 гробни места. Кога беше потребно секојдневно повеќе од десет гробни места дневно се продаваа, а граѓаните плаќаа 80 000 до 100 000 денари. Тие гробни места се наплатени, но не се изработени. Сега јавното претпријатие треба да обезбедува средства за дел од тие продадени гробни места за да ги изработи.
ЈП „Градски пазар“ до ден-денес зависи од Општината дали ќе му даде некоја работа или не за да може да даде плата на вработените и не се зголемени паушалите на Управните Одбори, туку од претходните години не се исплатени преку 400 илјади денари за Управни и Надзорни Одбори, односно се исплаќаат стари долгови.
Во однос на ЈП „Водовод“ сè додека ја префрламе топката едни на други ќе дојде моментот за брзо, по Нова година, кога Регулаторната комисија ќе формира цена. Приходите иако растат, бројот на вработени е намален, направени се и водоводни линии што ќе се види во другиот извештај, но последната сметка за струја е 14 милиони денари. Од 4 милиони е зголемена на 14 милиони денари. Според вкупните приходи и расходи ќе се формира цената на водата за пиење и доколку не донесеме ние Одлука на Совет, Регулаторна ќе ја формира и граѓаните ќе плаќаат дупло повисока цена на вода за пиење.
Владата со сите работи кои ги реши си донесе и Одлука и спортската сала е одземена од Општина Охрид не знам поради кои причини. Директорот на ЈП „Билјанини Извори“ не само што не може да најде начин како да функционира, бидејќи најголем расход е потрошената електрична енергија, дополнително сите деловни простории кои се наоѓаат во салата не може да ги издаде, а и започнатиот проект за фотоволтаици на кровот на спортската сала не може да го реализира.
Во ЈП „Охридски комуналец“ сметководствените работници на едно конто книжеле се, нема точни податоци за финансиската сосотојба на ЈП, поради што е ангажирана приватна сметководствена куќа за да ги среди контата во претпријатието.
За ЈП „Нискоградба“ сум сигурен дека во идниот период ќе ја одблокираме сметката и повеќе нема да течат долгови, извршни решенија и камати и ќе може да се разговара за развој, за инвестиции, нови возила и ново напредно јавно претпријатие.
Сигурен сум дека и ако ЈП „Охридски Комуналец“ продолжи вака на крајот на мандатот можеби ќе се пофалиме со уште едно претпријатие кое ќе ја одблокира сметката.
А останатите ЈП-ја како што тоне државата, ќе тонат и тие.
Како што ќе расте цената на електричната енергија ќе растат и долговите. Имаме вработени за коишто за два три месеци ќе се мислиме како да им дадеме плата, а не да ги завршиме услугите кои ги плаќаат граѓаните. Сите градови и општини по моја информација кои имаат државно земјиште во моменотов бараат инвеститори за изградба на фотоволтаици, за да можат дел од трошоците кои ги имаат за електирчна енергија да ги покријат. Но, очиглено ние сме многу назад и кога ќе дојдат сметките за струја да ги плаќаме ќе сфатиме што сме направиле.
Општината уште долго време ќе издвојува средства од буџетот за јавните претпријатија, но ситуацијата е алармантна и не сум баш сигурен дека со ваквото функционирање и расходите истата ќе се надмине во идниот период, истакна претседателот Донев.