Со поздравно обраќање на градоначалникот, Кирил Пецаков денеска во Охрид започна четвртото издание на Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески”.
На младите поети и поетеси од земјава и странство градоначалникот Пецаков им посака пријатен престој во Охрид во кој се кријат многу мотиви за идна творечка инспирација.
– Огромно е задоволството да се биде меѓу младите поети и поетеси од Македонија и неколку балкански земји чии напишани стихови со воодушевувење сакаме да ги прочитаме или слушнеме, а кои се гаранција за нивниот иден авторски успех во светски рамки. Особено се радувам на ваквите настани затоа што со нив се збогатува културната понуда на Охрид и се разменуваат ставови и искуства на млади пишувачи на убавиот збор од повеќе земји.
Во време на дигитално општество, кога социјалните мрежи стануваат доминантни на комуникациски план станува реткост да се прочита проза или поезија од пишуван труд. Пишувањето и читањето се особено значајни во процесот на социјален развој на единката и затоа секогаш треба да се преферираат и негуваат.
На сите вас учесници на Балканскиот поетски камп ви посакувам пријатен престој во Охрид со желба да доловите барем дел од неговите убавини. Посетете ги нашите убави манастири и цркви, одете на Плаошник или влезете во Самоиловите крепости. Доколку ве послужи времето одете на некоја од бројните плажи,а ноќта минете ја крај охридското езеро. Сигурен сум дека тука кај нас ќе најдете многу мотиви за вашите наредни поетски творби– рече градоначалникот Пецаков.
Учесниците на настанот ги поздрави и претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, професор д-р Христо Петревски.
Учесниците на балканскиот поетски камп е предвидено да присуствуваат на одделни манифестации на Меѓународниот семинар за македонски јазик и литература, при УКУМ, како и на поетскиот фестивал „Струшките вечери на поезијата“. Тие ќе ја посетат општина Дебрца и Вевчани.
Младите поети и поетеси се од Македонија, Украина, Албанија, Бугарија. Виртуелно вклучување на настанот ќе имаат поети од Хрватска и Србија.
Инаку, кампот се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата, при УНЕСКО, додека претседателот на Македонија , Стево Пендароски, испраќа посебно Послание до учесниците.
општина Охрид