Авион на авиокомпанијата „Визер“ кој требало да лета кон германскиот град Фридрихсхафен, вчера полетал од охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, но по некое време се вратил назад и повторно слетал на охридскиот аеродром, објави Тв21.
Авионот со 180 патници полетал со еден час задоцнување. Но, набргу пред Ниш, почнал да ја намалува брзината на движење, па завртел и се вратил кон Македонија. Според податоците од веб-страниците кои ги следат комерцијалните летови, авионот од 6.400 метри, се спуштил на 2.477 метри.
– Авионот правеше чудни маневри. Ова не ми е прв пат да се возам со авион. Не добивме никакво објаснување што точно се случи. Други ми кажаа дека станува збор за технички проблем, вели една патничка за Тв21.
Станува збор за авион од типот „Ербас A320-232“. Тој вкупно во воздух се задржал над два часа. Откако беше објавена информацијата, Контролата на летање објаснува дека не станувало збор за принудно слетување, туку дека авионот на „Визер“ требало да слета во Скопје, па откако не успеал поради невреме, неколкупати кружел и на крајот се вратил во Охрид.
– Авионот „Ербас А-32о-230“ на унгарската нискобуџетна компанија лета на редовна линија од Охрид за Фридрихсхафен. Тој на пат кон Германија, требало да слета во Скопје и да земе патници за крајната дестинација. Но, поради невремето попладнето во главниот град, авионот не успеал да слета во Скопје и капетанот пет-шест пати вртел над скопскиот аеродром, чекајќи подобри метео услови. Откако времето не се подобрило, пилотот безбедно го вратил леталото во Охрид, велат од Македонска навигација (М-НАВ).
Забуната настанала оти на патници им било чудно тоа што авионот неколкупати вртел. Според податоците од веб-страницата „Flight Radar 24“, авионот бил во воздух повеќе од два часа пред да се врати на Охридскиот аеродром. Поради лошите услови, летот и претходно доцнел.
извор: Тв21.