недела, ноември 24, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Само Охрид ми е поблизок до срцето од Мајами, вели Климе кој ги прави најубавите пици во ресторанот во Америка

Заедно со неговата сопруга Анита се сопственици на еден од најпопуларните ресторани во Мајами – „Краст“, препознаен по одличната пица и италијанската кујна. Веќе неколку светски магазини, списанија, медиуми пишуваат за „Краст“, го издвојуваат како одлично место за храна, го вбројуваат во најдобрите, пишува vecer.mk. Па оттука слушнавме и ние за Климе. „Дејли мил“ ја вбројува пицата на „Краст“ во 101. најдобра пица во Америка, а „Мајами хералд“ во посебна статија, осврнувајќи се на атрактивното мени на ресторанот сместен покрај реката Мајами, пишува дека „трендовите за храна се менуваат, но пицата останува засекогаш.“

„Краст“ е сместен во арт-деко зграда од 2.600 квадратни метри и поранешен дом од 50-тите години покрај живописната река Мајами во Флорида. Погледот на менито нуди примамливи производи, вклучително и популарна пица со тартуф, со свеж домат, рукола, пармезан, сок од лимон и масло од бел тартуф. Како и пица со ракчиња, пршута, феферони и шунка. Секако, имаат и пеперони, пица со пет вида месо, пица „Хаваи“ и уште многу други.

– „Краст“ е американско-италијански ресторан. Цел живот пред да го отворам овој ресторан, работев во ресторани за таканаречени „специјални пригоди“ и некако ми здосади тоа, па решив да отворам ресторан за „секојдневни пригоди“. Почнавме да го градиме „Краст“ во август 2014, а го отворивме во август 2015 година. Оттогаш почна да се создава приказната, сподели Климе.

Ресторанот на Климе и Анита веќе неколку пати е наградуван како еден од подобрите ресторани во Мајами, исто така, повеќе пати бил наградуван како најдобар во Америка.

– Да не заземаме простор овде за наградите. Повеќе информации за признанијата има на линкот А од досегашното искуство, рецептот за успех е знаење, добар план и упорност, и пред сѐ многу работа, посочува Климе.

Според него, она што ги привлекува гостите во неговиот ресторан е квалитетната храна, добрата услуга и фер цени. А неретко вели дека гости му се познати лица.

– Жена ми Анита е многу ангажирана и значајна алка од бизнисот, па поради нејзините заложби, доаѓаат и обични луѓе, но и многу познати имиња. Анита има менталитет на добра домаќинка, како дома, така комплетно е посветена и во ресторанот, додава Климе.

Во „Краст“ сервираат италијанска храна приспособена за Американците.

– Се трудам ресторанот да има одлична понуда, да важи за добар ресторан. Не сервирам македонски вкусови и јадења. На пример, и фудбалот не е македонски спорт, но ако нашиот тим добро одигра, никој нема да се секира од каде потекнува спортот, вели Климе.

Климе е страстен шеф и има дебело досие во кујна.

– Иако толку време сум готвач, слободно можам да кажам дека немам рецепти кои ми се фаворит. Ако нешто не ми се допаѓа, не го сервирам ниту во ресторанот. Немам омилено дете, сите ги сакам. Готвењето ме одмара, а раководењето со „Краст“, кој има околу 30 вработени, речиси како во секој ресторан, одзема доста време и енергија, посочува Климе.

Поглавјето со готвењето во животот на Ковачевски почнува со завршувањето на Средно угостителско училиште во Охрид. Продолжува со висока угостителска школа во Опатија, а потоа, во 1984 година, се преселува во Мајами. Од 2004 до 2014 патувал низ цела Америка како консултант за ресторани, а последниве години е стациониран во Мајами и е посветен на сопствениот ресторан.

– Мајами ми се залепи за срце. Единствен е во цел свет, не само во Америка. Нема град како него. Само Охрид ми е поблизок до срцето од Мајами. И одлично ни оди бизнисот. Но најголем успех во животот, поголем и од рестораните, ми е бракот со Анита. И сега еве и музиката ми се враќа, вели Климе, кој своевремено беше гитарист во групата „Анастасија“, а во последно време е ангажиран околу „Трага бенд“, со кој создава македонска музика.

 

vecer.mk