АктуелноВидеоОхрид

(ВИДЕО) Нуркачите од „Акватек“ се „дружеа“ со јагула

Охридското Езеро е старо најмалку два милиони години.  Тоа е најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија и веројатно од биолошки аспект најзначајниот стагнантен акватичен екоситем во Европа. Со својата единствена флора и фауна, Охридското Езеро претставува еден од најголемите биолошки резервати на Европа. Уште првите научни истражувања, кои во Охридското Езеро беа вршени во текот на XIX век, открија дека во него, како едно од најстарите езера на нашата планета, се зачувал прастар жив свет кој во други места воопшто не постои или пак се среќава само во форма на фосили.

Во неговите сини води постои растително и животинско царство за коешто денес единствено се знае од фосилите. Рибната фауна на Охридското Езеро ја сочинуваат 17 видови, кои им припаѓаат на три групи: пастрмки, бели риби и јагули. Десет вида меѓу охридските риби се ендемични. Меѓу најпознатите ендемични видови риби, кои го населуваат само Охридското Езеро се пастрмките: летница и белвица. Покрај јагулата, кленот, крапот, мрената, скобалот и моранецот, живее и малата риба плашица.  Благодарение на Клубот за подводни дејности Акватек,  имаме можност да го видиме природното живеалиште на европската јагула Ангуилла ангуилла.

Охридската јагула живее во бистра слатка вода и во реки и кои имаат врска со морето. Таа има маслинесто зелена, кафеава или маслинесто сива, па и боја на бронза на грбот, а стомакот и е жолтеникав до бел. Таа ја менува бојата во зависност од средината во која живее, а посебно за време на нејзиниот долг пат до Саргаското Море, кога патува дотаму поради оплодување. Главата и е сплескана, а во устата има неколку реда ситни заби. По целиот грб има перка, која започнува од три четвртини на телото и продолжува до задниот дел. Жабрите и се наоѓаат во мали перки на градите. Целото тело на јагулата е покриено со ситни лушпи, кои се речиси, невидливи. Под лушпите на телото има систем од капилари преку кои прима кслород од воздухот и водата со што го надополнува дишењето преку жабрите. Според истражувањата, јагулите можат да поминат пократок пат и на суво, па дури и излегуваат на суво по храна, каде бараат полжави, црвја, тревки и слично. Со своето долго тело достигнуваат брзина и до 35 km/h. Силно им е развиено сетивото за мирис, но имаат слаб вид.

Европската јагула се мрести во Саргасово Море близу Порторико, односно 4800 км подалеку од Охридското Езеро. Мајките јагули после мрестење умираат, а нивните ќерки повторно се враќаат во водите на Охридското Езеро. Јагулата одбира да живее во салмонидни езера богати со салмонидни риби, претежно пастрмки, како што и беше Охридското Езеро. Јагулата во исхраната ги користи пастрмките кои се лесен плен за ловење, односно пастрмки кои се угинати, повредени или омалаксани. Со еден збор речено, јагулата е чистач на лешевите од езерската фауна.

Со изградба на хидроцентралите Глобочица и Шпиље на Црн Дрим, дошло до прекинување на природниот пат на јагулата. Од страна на ЕЛЕМ, секоја година од Франција, Холандија или Грција се носи готов рибен подмладок на јагулчиња со кои се порибува Охридското Езеро.

видео: Нуркачки центар Акватек