Со традиционалното дефиле под маски, кои на сатиричен начин ќе ја прикажат изминатата година, официјално почна Вевчанскиот карневал „Василичари 2022 година“.
Двете василичарски друштва горна и долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во земјава и светот продефилираа низ вевчанските улици. Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството..
Вевчанскиот карневал е театар на отворено. Маските ги прикажуваат работите што не требало да се прават во текот на целата година и на нив не треба да се гледа суетно, порача градоначалникот Спасе Кочовски пред почетокот на карневалското дефиле.
Иако, како што рече, не знае какви маски ќе продефилираат низ вевчанските улици, сепак, нагласи дека василичарите не сакаат никого да навредат, ниту да повредат никакви национални или верски чуства, туку само ја прикажуваат годината што измина на сатиричен и хумористичен начин.
– Ова е театар на отворено и секогаш треба да се гледаат работите кои укажуваат дека нешто не треба така да се прави. Ако видите многу грубост, пораката е не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни. Сите оние негативни работи што ќе ги видите тука можеби изгледаат екстремно прикажани, но не се во навредлива форма ,туку прикажуваат онаков каков што можеби не сакате да се видите во текот на годината и сте биле онаков како што ќе се видите преку маските на василичарите, нагласи Кочовски.