АктуелноОхрид

Осумдневен притвор за професорот кој нападна ученик со метален предмет

Притвор од осум дена доби професорот по англиски јазик од струшката гимназија „Ибрахим Темо“ кој вчера со железен боксирач претепа ученик.

Ова доаѓа по кривичната пријава која ја поднесе полицијата со која ја побара и оваа мерка а ја определи судот на барање на струшкото обвинителство.

Во знак на револт денеска повеќе ученици од гимназијата ја бојкотираа наставата и излегоа на протест пред тамошниот основен суд. Со транспаренти в раце порачаа дека не треба да се чувствуваат небезбедно и побараа правда за својот соученик.

Ученикот заврши на хируршкото одделение при општата болница во Струга каде бил донесен со обилно крвавење и повреди на левата страна од главата. По интервенцијата на докторите е пуштен на домашно лекување.

Кои биле мотивите за нападот се уште е непознато. Државниот просветен инспекторат е на терен и постапува по пријавата на училиштето. Професорот и претходно бил проблематичен. Поради непристојни зборови кон негова колешка од училишната дисциплинска комисија заработил тримесечна суспензија.