АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Од јавен линч до судница – денес почнува судењето на Корабоски, случајот што ја потресе Македонија

По бурните реакции, протестите, институционалниот молк и бранот дезинформации, судскиот процес треба да ги утврди фактите, додека нов случај на пријавено семејно насилство во Охрид во кое жена претепа маж, отвора прашања за последиците од медиумското пресудување и јавниот линч.

Во Основниот суд во Охрид денес треба да започне судскиот процес против Кристијан Корабоски за физичкиот напад врз Сара Георгиевска, случај кој предизвика огромен интерес во јавноста, бурни реакции , како и политички и граѓански протести, а собено голем револт во јавноста предизвика првичната одлука на обвинителството да не побара мерка притвор за Корабоски, со што тој беше пуштен да се брани од слобода.

По бурните реакции во јавноста, предметот го презеде друг обвинител, Сара беше сослушана, а за Корабоски беше побарана и одредена мерка притвор.

Судскиот процес кој почнува денес треба да ги даде сите одговори што точно се случило таа ноќ и на јавноста врз основа на обезбедени докази да и даде слика и одговори на бројни прашања кои сеуште предизвикуваат шпекулации и создаваат немир.

Институционалниот молк создаде простор за дезинформации и јавен линч

Своевиден информациски вакуум во првите часови по обелоденувањето на случајот создаде молкот на службите за односи со јавноста на Министерството за внатрешни работи.

Иако полицијата веќе го имала предадено предметот во обвинителството, повеќе од 30 часа изостана детална официјална информација со која јавноста би била запознаена со околностите на настанот и преземените полициски активности.

Во меѓувреме, социјалните мрежи беа преплавени со непроверени информации, дезинформации и обвинувања поврзани со Кристијан Корабоски, неговиот татко и двајца негови другари.

Дел од информациите беа со исклучително вознемирувачка, па дури и морбидна содржина, а споменатите лица беа изложени на јавен линч, без претходно да бидат утврдени сите факти и околности. Токму овој случај ја покажува важноста на навременото институционално информирање, особено кога станува збор за настани кои предизвикуваат силни емоции и вознемиреност кај граѓаните.

Дали „медиумските судења“ веќе предизвикуваат други последици?

Деновиве во Охрид беше регистриран и друг случај на пријавено семејно насилство, во кој маж пријавил дека бил физички нападнат и претепан од неговата сопруга.

Како што дознава Ohrid1.com, мажот во полиција изјавил дека воопшто не пружал отпор додека сопругата го удирала, бидејќи се плашел дека евентуалниот обид за нужна самоодбрана би можел да биде прикажан како напад врз неа, по што и самиот би бил изложен на јавен и медиумски линч.

Според неговото кажување, токму поради тој страв се препуштил на нападот, без да пружи отпор. Со здобиените телесни повреди бил упатен на Одделението за хирургија при Општата болница во Охрид.

Иако околностите на овој случај допрва треба да бидат институционално утврдени, неговиот исказ отвора сериозно прашање за можните последици од атмосферата на јавно пресудување, медиумски линч и однапред утврдување вина.

Борбата против семејното насилство мора да подразбира еднаква заштита на сите жртви, независно од нивниот пол, а утврдувањето на индивидуалната одговорност мора да се темели на докази и законски постапки.

Судскиот процес треба да даде одговори

Со денешниот почеток на судењето на Кристијан Корабоски се очекува јавноста да дознае повеќе детали за околностите под кои се случил нападот врз Сара Георгиевска.

По бројните јавни реакции, протести, политички препукувања и шпекулации, сега останува судскиот процес да ги утврди фактите и одговорноста врз основа на доказите.

Правдата за жртвите на насилство мора да биде обезбедена преку ефикасно и непристрасно постапување на институциите, со истовремено почитување на презумпцијата на невиност и правото на правично судење, заштита на жртвите и задоволување на правдата.