АктуелноОхрид

Две медали за Сара Филева од ООУ„Св. Климент Охридски“ -Драслајца, злато и сребро на Државното првенство во пливање

Одлични резултати за учениците од ООУ „Св. Климент Охридски“ од село Драслајца на Државното првенство во пливање за ученици од основните и средните училишта за учебната 2026/2027 година, кое денеска, 26 ноември, се одржа на градскиот базен во Куманово.

Во конкуренција на околу 270 ученици од целата држава, посебно се истакна Сара Филева, ученичка во петто одделение, која освои два медали.

Филева се закити со златен медал и прво место во дисциплината 50 метри слободен стил, додека во дисциплината 50 метри грбно го освои второто место, освојувајќи сребрен медал.

Успешен настап имаа и останатите ученици, кои се натпреваруваа во по две дисциплини и остварија одлични пливачки времиња. Училиштето го претставуваа Горјан Шумуликоски од 6-а одделение, Ели Чавкоска од 6-б, Марко Арсовски и Илина Спироска од 7-б, Кристијан Нически од 7-а, како и Дора Филева и Бобан Филев од 8-а одделение.

Учениците настапија под водство на наставникот по физичко образование Марино Велоски.

Првенството беше организирано од Федерацијата на училишен спорт на Македонија, во соработка со Општинскиот сојуз на училишен спорт – Куманово, а натпреварувачите беа поделени во три категории според возраста и степенот на образование.

Со освоените медали и успешните настапи, младите пливачи уште еднаш го потврдија значењето на спортот, физичката активност и негувањето здрави животни навики кај младите. Настапот на државното првенство претставува и можност за стекнување нови спортски искуства и афирмација на училишниот спорт.

Честитки за Сара и за сите ученици за постигнатите резултати и достојното претставување на ООУ „Св. Климент Охридски“ од Драслајца!