АктуелноОхрид

Станарите во Даљан бараат институционална заштита: Тврдат дека истото лице и претходно предизвикувало пожари

По пожарот што избувна во стан на улицата „Гоце Делчев“ во охридската населба Даљан, во кој осум лица завршија во болница, вознемирени станари се обраќаат до медиумите, барајќи итна реакција и заштита од надлежните институции.

 

Според сведоштвата на станарите, ова не е прв случај истото лице да предизвика пожар во својот стан. Тие тврдат дека во повеќе наврати досега реагирале и пријавувале во надлежните институции, но дека не биле преземени соодветни мерки за да се спречи повторување на ваквите инциденти. Станарите стравуваат за сопствената безбедност и безбедноста на своите семејства, особено по последниот пожар, кој можел да има катастрофални последици.

 

Од Територијалната противпожарна единица во Охрид информираат дека благодарение на брзата и ефикасна интервенција на нивните екипи била спречена поголема катастрофа. Биле преземени сите неопходни техничко-тактички мерки за гаснење на пожарот и евакуација на станарите. Поради повреди и потешкотии при дишењето предизвикани од вдишување чад, осум лица биле хоспитализирани во Општата болница во Охрид.

 

Во меѓувреме, полицијата информираше дека во врска со предизвикувањето на пожарот од слобода е лишен 55-годишен охриѓанец, против кого ќе следува соодветна пријава. Последниот инцидент отвора сериозни прашања за постапувањето на надлежните институции по претходните пријави за кои говорат станарите. Дали институциите биле запознаени со опасноста, како постапувале по пријавите и дали можело да се спречи денешниот пожар?

 

Тврдењата на станарите за претходните инциденти и пријави засега немаат независна институционална потврда. Жителите на зградата бараат конкретни мерки и институционална заштита, со цел да не се доведат повторно во ситуација во која нивните животи ќе бидат загрозени.