Извонредната корејско-американска сопранистка Јуна Ли и пијанистот
Кенет Клецјен ќе настапат на 4 декември, во 19 часот, во Музејот на
македонската борба за самостојност, во рамки на дополнителната
концертна понуда на „Охридско лето“, надвор од официјалната
фестивалска програма.
Јуна Ли е меѓународно призната оперска уметница, особено позната по
улогата на Чо-Чо-Сан во „Мадам Батерфлај“ од Пучини, што ја има
изведено речиси 200 пати. Се образувала на Џулијардската школа во
Њујорк, а настапувала со реномирани оперски куќи, меѓу кои
Метрополитен операта и Вашингтонската национална опера. Нејзин
сопруг и музички партнер е пијанистот Кенет Клецјен, кој студирал на
Конзерваториумот при Колеџот Оберлин и на Џулијардската школа.
Намерата, според организаторите, е одржувањето концерти во текот на
целата година да прерасне во традиција, како благодарност до публиката
и поддржувачите на фестивалот, но и како можност за продолжување на
средбите со врвни уметници и надвор од фестивалските денови.
„Со овие концерти сакаме да покажеме дека „Охридско лето“ не живее
само во текот на фестивалските денови, туку дека нашата мисија
продолжува во текот на целата година. На овој начин ја прошируваме
нашата концертна дејност, отвораме можности за нови уметнички
соработки и ѝ овозможуваме на публиката да ужива во настапите на
еминентни музички имиња, надвор од летниот период. Особено ни е
важно оваа иницијатива да прерасне во традиција и „Охридско лето“ да
продолжи да биде значаен дел од културниот живот и во текот на
годината“, вели директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Посебно значење на концертот му дава и застапеноста на дела од
американски композиторки, кои ќе бидат изведени премиерно пред
македонската публика. Со вклучувањето на нивното творештво во
концертната програма, „Охридско лето“ ја истакнува важноста на
родовата инклузивност во класичната музика, отвора простор за поголема
видливост на жените-композиторки и придонесува кон афирмација на
разновидни современи музички изрази.
„Особено ни е важно што со овој концерт пред македонската публика
премиерно претставуваме и дела од американски композиторки, како
определба да ја истакнеме родовата инклузивност во класичната музика.
Со тоа сакаме да ја збогатиме понудата за публиката и да поттикнеме
интерес за творештвото на авторки чии дела заслужуваат да бидат почесто
присутни на концертните сцени“, додава Цуцковски.
Kонцертната година во рамки на „Охридско лето“ ќе биде заокружена на 7
декември во Охрид, со предновогодишен концерт кој ќе биде музички
подарок за градот и охриѓани. На сцената ќе настапат бугарската
сопранистка Илина Михајлова и италијанскиот пијанист и композитор
Франческо Барбагелата.


















