Пресврт во случајот „Пендиков“: Основниот суд во Охрид ги ослободи од обвинение Илија Спасески и Борче Ангелов
Основниот суд во Охрид денеска, 22 октомври, донесе ослободителна пресуда за Илија Спасески и Борче Ангелов, обвинети за нанесување тешка телесна повреда на Христијан Пендиков, во инцидентот што се случи во јануари 2023 година во Охрид.
Предметот повторно се најде пред Основниот суд во Охрид откако Апелациониот суд во Битола ја укина претходната пресуда и го врати на повторно судење, по жалбите поднесени од обвинителството и од одбраната на обвинетите.
Денешното судско рочиште траело околу два и пол часа, при што не биле изведени нови докази. Судот донел ослободителна пресуда, а деталното образложение на одлуката ќе биде доставено во писмена форма.
Случајот започна на 19 јануари 2023 година, кога Пендиков беше физички нападнат пред угостителски објект во Охрид. Инцидентот, кој првично претставуваше кривично-правен случај, набрзо доби сериозни политички и дипломатски димензии во односите меѓу Македонија и Бугарија.
Пендиков, кој во тоа време беше секретар на здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, по инцидентот спектакуларно со авион беше пренесен на лекување во Софија. Подоцна доби бугарско државјанство и го продолжи животот во Бугарија.
Случајот беше искористен и како повод за политички реакции во Бугарија, каде што нападот беше претставуван како пример за односот кон лицата што се декларираат како Бугари во Македонија. Сепак, при првото судење во Охрид, судот не утврди дека делото било сторено од омраза на етничка основа.
На денешното рочиште присуствувале и петмина пратеници од бугарскиот парламент, кои допатувале во Охрид за да го следат процесот и да му дадат поддршка на Пендиков, со што само сеп отрвдрува дека Бугарија вложи огромни напори една обична тепачка да ја претстави како политичкиу случај.
По објавувањето на пресудата, Пендиков изразил незадоволство од судската одлука, оценувајќи ја како срамна. Неговиот адвокат Стефан Камишевски изјавил дека одбраната и понатаму смета дека нападот бил етнички мотивиран.
Според адвокатот, понатамошното оспорување на ослободителната пресуда зависи од обвинителството, кое би можело да поднесе жалба до повисокиот суд. Со денешната одлука, еден од најекспонираните судски случаи во македонско-бугарските односи доби нов правен епилог, иако останува можноста постапката да продолжи пред повисока судска инстанца.
Бугарија сè почесто се посочува како прибежиште за лица од Македонија кои ја избегнуваат правдата – дали соседната држава стана депо за македонски криминалци ?
Случајот со Христијан Пендиков повторно го отвора и поширокото прашање за политизацијата на судските постапки кои се водат против криминалци или други кршители на Закон внатре во Макеоднија, пренесувајќи ги на политички терен во односите меѓу Македонија и Бугарија.
Во изминатите години во јавноста се отвораат прашања за лица од Македонија кои, откако се соочиле со кривични постапки или со правосудните органи, заминале во Бугарија, а дел од нив поседуваат и бугарско државјанство.
Оттука се поставува прашањето дали Бугарија за одредени лица станува своевидно прибежиште од македонското правосудство и дали бугарското државјанство се користи како средство за отежнување на нивното враќање во Македонија.
Посебно чувствително е прашањето за екстрадицијата, како и за можноста одредени кривични предмети да добијат политичка или етничка конотација, наместо да се разгледуваат исклучиво врз основа на доказите и законите.
Критичарите на бугарската политика кон Македонија го поставуваат и прашањето дали Софија селективно претставува одредени правосудни постапки како загрозување на правата на Бугарите, дури и кога станува збор за обвиненија за дела од општ криминал.
Прашањето останува: дали бугарското државјанство за одредени лица претставува само нова национална припадност или и можност за избегнување на правосудните постапки во Македонија?



















