АктуелноОхрид

Струга се обединува за Ана Стојаноска – прва стружанка на Детската Евровизија

Струга испишува нова страница во својата музичка историја. Ана Стојаноска годинава ќе ги претставува Македонија и својот роден град на Детската Евровизија, што претставува посебен момент за Струга и нејзините жители.

Зад овој значаен успех стојат многу труд, талент, посветеност и искрена љубов кон музиката. Настапот на младата Ана е можност Струга да ја покаже својата поддршка и заеднички да застане зад својата претставничка.

Во знак на поддршка, оваа сабота, на 24 октомври, со почеток во 21 часот, во Europe House Struga ќе се организира заедничко следење на Детската Евровизија.

Организаторите упатуваат повик до стружани да се придружат, заедно да навиваат и да ѝ дадат дополнителна мотивација на Ана во овој важен момент од нејзината музичка приказна.

„Струга, време е да се сплотиме за Ана!“ е пораката со која се повикуваат граѓаните да ја покажат својата поддршка и гордост за младата стружанка, која ќе ги претставува боите на Македонија на европската детска музичка сцена.