Во Охрид ќе биде промовирана книгата „Калдрма“ од авторот Никола Митровиќ, дело кое низ историска фикција, усни сведоштва и размислувања за минатото отвора прашања за вистината, правдата, човечката судбина и смислата на постоењето.
Преку приказна сместена во времето на Османлиската Империја, на бреговите на Големата Вода, авторот доловува дел од минатото на еден град, неговата општествена хиерархија и животот на луѓето во едно поинакво историско време.
Централниот симбол во книгата е калдрмата – камените блокови што го поплочуваат градскиот простор, но истовремено претставуваат метафора за човечките судбини, неправдите и вечната потрага по еднаквост и правда.
Во изјава за Ohrid1.com, авторот Никола Митровиќ посочува дека инспирацијата за книгата произлегува од значењето на усните сведоштва и нивната моќ да го поврзат минатото со иднината.
„Постојат усни сведоштва кои со својата содржина ја параат душата. Нивното ехо кое се создава низ вековите и кои одѕвонуваат низ генерациските платоа на наративното експонирање креираат емоционална сторија во секој од нас“, вели Митровиќ за Ohrid1.com.
Авторот нагласува дека книгата е обид да се долови еден историски период и да се отвори простор за понатамошно истражување и толкување на минатото.
„Оттука произлегува и размислата за пишување на оваа книга која доловува дел од минатото на еден прекрасен град покрај големата вода, која доловува безвременски отсликана слика на само еден временски дел кој понатаму треба да се истражува“, посочува Митровиќ.
Како што објаснува авторот, „Калдрма“ може да се чита како историска фикција со одредени вистинити елементи, но и како поттик за преиспитување на она што е пренесувано низ времето и запишано во историските извори.
Посебно место во делото зазема темата за човекот, неговата положба во општеството и можноста неправдата да биде исправена. Преку симболиката на калдрмата, Митровиќ ја отвора и дилемата дали секое човечко дело, без оглед на времето во кое настанало, носи последици што еден ден повторно се враќаат кај својот творец.
„Книга во која малиот човек ја достигнува својата големина на еднаквост и правда, кога сѐ што правите ви се враќа, дал подоцна или порано е вечното прашање“, истакнува авторот.
„Калдрма“ носи порака за вредноста на историското паметење, за потребата од истражување на минатото и за универзалните прашања за правдата, човечкото достоинство и одговорноста за сопствените постапки.
Промоцијата на книгата претставува можност читателите да се запознаат со книжевниот свет на Никола Митровиќ и со приказната во која каменот, историјата и човечката судбина се испреплетуваат во потрага по вистината.



















