Со длабока болка и неверување, од НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга се простија од својот колега Васко Јолески, кој прерано го заврши својот животен и професионален пат.
Јолески ќе остане запаметен како посветен професионалец, човек кој искрено ја сакал својата работа и бил горд на професијата. Како самостоен препаратор, тој со своето знаење, стручност и посветеност се грижел за Природно-научната поставка на Музејот, придонесувајќи за нејзиното одржување и зачувување.
Особено значаен е неговиот придонес во реализацијата на проектот „Превентивна заштита на музејскиот материјал и обнова на диорами“, преку кој даде важен придонес во заштитата и обновувањето на музејското наследство.
Од Музејот со посебна почит истакнуваат дека Васко со гордост ја претставувал својата професија, нагласувајќи дека е единствениот самостоен препаратор во Македонија. Неговата работа, посветеност и љубов кон музејското наследство оставиле траен белег во институцијата.
Неговото прерано заминување остава празнина меѓу колегите и сите што го познавале, но споменот за него и делото што го оставил ќе продолжат да живеат.
„Почивај во мир, драг колега Васко“, порачуваат од НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга.



















