Со настапот на учениците и професорите од ОМУ „Методи Патче“, вчеравечер во предворјето на црквата „Св. Софија“ започна четвртото издание на Охрид Џез Фестивал.
На свеченото отворање на фестивалот, публиката ја поздрави претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
- Оваа прекрасна музичка манифестација од година во година прераснува во препознатлив дел од културниот живот на нашиот град. Особено ме радува што ова издание носи проширена и разновидна програма, со која Охрид уште еднаш покажува дека има потенцијал за различни музички изрази, за нови уметнички идеи и за врвни музички имиња.
Џес фестивалот е вистинско освежување на самиот крај на летната сезона. Во период кога градот, се уште е исполнет со гости и посетители од земјава и странство, ваквите настани дополнително ја збогатуваат културната понуда.Џезот е музика на слободата и креативноста. Музика која не познава граници и која успева да поврзе различни генерации, култури и музички традиции.
Токму затоа, создавањето простор за џезот на Охридската културна сцена, значи создавање простор за квалитетна и слободна уметност.
Од голема важност е тоа што првата фестивалска вечер е посветена на младите музичари. Нивниот талент, ентузијазам и љубов кон музиката заслужуваат да бидат поддржани и афирмирани. Верувам дека и ова фестивалско издание ќе донесе одлична атмосфера и незаборавни моменти за публиката.
Општина Охрид ќе продолжи да ги поддржува културните настани кои ја афирмираат уметноста и го потврдуваат Охрид како град со богата културна понуда. Им благодарам на организаторите, на сите учесници и на оние кои придонесоа ова фестивалско издание успешно да се реализира, истакна Божиновски во своето обраќање.
Во рамки на програмата, вечерва, 28-ми август, ќе се одржи Етно џез вечер со Сашко Костов и Орхидеја Дукова. На 29-ти август следува вечер посветена на класичниот џез, со настап на Дамјан Пејчиноски – гитара, Зоран Јагоридовски – перкусии, Дејан Милосавлевиќ – тапани, Гордан Спасовски – пијано и Горан Гешовски – бас гитара.
Фестивалот ќе заврши на 30-ти август со Меѓународната џез вечер, кога ќе настапи квартетот на Бранко Стерпин од Хрватска со специјалниот гостин Војкан Јоциќ.
Концертите започнуваат во 20:30 часот, а влезот е бесплатен.

















