Поранешната пратеничка од СДСМ, Жаклина Лазареска, преку објава на својот Фејсбук профил упати порака до членовите и симпатизерите на СДСМ дека, според неа, треба да извлечат поука од начинот на кој членовите на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржувале својата партија во периодите кога таа бележела изборни порази.
Во својата објава Лазареска потсетува дека по локалните избори во 2017 година, кога ВМРО-ДПМНЕ доживеа тежок изборен пораз, Христијан Мицкоски бил избран за претседател на партијата. Таа наведува дека и покрај подоцнежните изборни неуспеси – претседателските избори во 2019 година, предвремените локални избори во Охрид и Ново Село, како и парламентарните избори во 2020 година – членството, според неа, останало обединето и не го оспорувало неговото лидерство.
Лазареска оценува дека токму таквиот пристап овозможил ВМРО-ДПМНЕ повторно да ја консолидира својата поддршка и да оствари убедливи победи на локалните избори во 2021 година, како и на претседателските и парламентарните избори во 2024 година.
Во завршницата на објавата таа им порачува на членовите на СДСМ да покажат повеќе трпение, единство и лојалност кон партијата, наместо, како што наведува, да дозволуваат личните амбиции и фрустрации да влијаат врз нејзиното функционирање.
„Членовите и симпатизерите на СДСМ мора да го преиспитаат своето однесување и начинот на искажување на лојалност кон партијата. Личните фрустрации и амбиции да си ги зачуваме дома затоа што партија не се гради и организира за поединци и нивни желби туку за општо добро на сите. А трпението и заедништво се спасение“, напиша Лазареска во својата објава.
Нејзиниот став предизвика реакции на социјалните мрежи, бидејќи во суштина претставува повик членовите на СДСМ да го следат примерот на политичката кохезија што, според нејзината оценка, ја покажало членството на ВМРО-ДПМНЕ во периодот кога партијата се наоѓала во опозиција.

















