Компанијата Ферседо ги претстави своите производствени капацитети и идните развојни планови пред претставници на дипломатскиот кор, институциите и бизнис-заедницата, најавувајќи проширување на регионалните пазари.
Охрид беше домаќин на дводневен корпоративен настан во организација на компанијата Ферседо, на кој присуствуваа сопствениците на компанијата од Австрија, менаџментот и вработените, како и бројни гости од институциите и бизнис-заедницата.

На работниот дел од програмата присуствуваше и сопственикот на компанијата Фердинанд Хуемер, кој заедно со раководниот тим во Македонија предводен од Даниел Ловреновиќ учествуваше на интерни работилници (workshop), посветени на понатамошниот развој на компанијата, унапредување на производните процеси и идните деловни стратегии.

Во рамките на настанот беше организиран и свечен коктел, како и обиколка на производствените капацитети на компанијата. На овој дел од програмата присуствуваа амбасадорот на Република Австрија во Република Северна Македонија, Н.Е. Мартин Памер, градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, претставници на Стопанската комора, деловни партнери и претставници на домашната бизнис-заедница.
Присутните имаа можност непосредно да се запознаат со современите производствени процеси и технолошките стандарди што ги применува Ферседо, компанија која е специјализирана за производство на висококвалитетни камини на дрва, наменети исклучиво за странските пазари.
Од компанијата истакнуваат дека континуирано инвестираат во квалитет, иновации и развој на производството, при што нивните производи денес се пласираат на повеќе европски пазари и ги исполнуваат највисоките стандарди за квалитет и енергетска ефикасност.

Воедно, беа претставени и идните развојни планови на компанијата, кои предвидуваат проширување на присуството и надвор од постојните извозни пазари. Во наредниот период Ферседо планира својата палета производи да ја понуди и на македонскиот пазар, како и на пазарите во Албанија и Србија, со што компанијата ќе го заокружи своето регионално присуство.

Настанот уште еднаш ја потврди успешната соработка меѓу австрискиот и македонскиот бизнис-сектор, како и значењето на странските инвестиции во развојот на современото производство, отворањето нови можности за економски раст и унапредувањето на локалната индустрија.
На крајот на дводневните настани беа организирани и спортски игри на кои учествуваа вработени од компанијата од производствата во Македонија и Австрија , а беше приредена и пригодна закуска за присутните.
















