АктуелноОхрид

(ФОТО) Со света Литургија и богата културна програма во Мислешево беше одбележан празникот Рождество на Свети Јован Крстител

Со свечена Света Литургија во Соборниот храм во Мислешево денеска беше одбележан големиот христијански празник Рождество на Свети Јован Крстител – Иванден. Голем број верници присуствуваа на богослужбата, заеднички упатувајќи молитви за здравје, мир и Божји благослов.

Празничната атмосфера продолжи и во вечерните часови со богата културно-уметничка програма. Пред бројната публика настапија играорна група од Мислешево, како и гости од Србија и Босна и Херцеговина, кои со своите настапи придонесоа за вистинско празнично расположение и дружење.

Од црковната општина најавија дека ваквиот начин на одбележување на Иванден ќе прерасне во традиција, а веќе од следната година ќе започне новата културно-духовна манифестација „Мислешевски средби“. Според најавите, манифестацијата ќе започнува секоја година на 7 јули, на празникот Рождество на Свети Јован Крстител, а ќе завршува на 9 август, со големата прослава посветена на Свети Климент Охридски.

Организаторите упатија искрена благодарност до сите жители на Мислешево, како и до пријателите и добротворите на црквата, кои со својата поддршка и несебична помош придонесуваат за развојот на парохијата и за успешно организирање на духовните и културните настани.

Празничното чествување заврши со порака за единство, вера и заедништво, со молитва Свети Јован Крстител да биде постојан застапник пред Бога за сите верници и за целата заедница.