Охрид сè почесто станува дестинација на избор за гости кои патуваат со приватни летала, што е уште еден показател за растечкиот интерес за градот кај туристите со повисока платежна моќ.
Во период од само три дена, на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид слетаа два приватни авиони и еден приватен хеликоптер со ВИП патници – јави Patuvanja.mk
Првиот приватен авион и приватниот хеликоптер пристигнаа во неделата, на 7 јуни, кога на охридскиот аеродром слетаа гости кои за своите патувања користат ексклузивен воздушен превоз. Денеска, 9 јуни, евидентирано е уште едно слетување на приватен авион кој пристигнал директно од Грција, носејќи нова група ВИП гости.
Зголемениот број приватни летови кон Охрид се смета за позитивен сигнал за туристичкиот сектор, особено во пресрет на главната летна сезона. Туристичките работници оценуваат дека ваквите посети придонесуваат за афирмација на Охрид како престижна туристичка дестинација и носат дополнителен економски бенефит за локалната економија.
Охрид и понатаму останува една од најатрактивните туристички локации на Балканот, а зачестените пристигнувања на приватни авиони и хеликоптери покажуваат дека градот сè повеќе привлекува гости кои бараат врвна услуга, приватност и ексклузивно туристичко искуство.















