АктуелноОхрид

Во Струга ќе се одржи 10-тата Дримска конференција за управување со Дримскиот Басен

Од 2 до 4 јуни 2026 година во хотел „Дрим“ во Струга ќе се одржи 10-тата Дримска конференција, посветена на заедничкото управување со Дримскиот Басен и спроведувањето на приоритетните мерки од Стратешкиот акционен план за регионот.

Конференцијата се организира во рамки на Меморандумот за разбирање за заедничко управување со Дримскиот Басен од 2011 година, како и Вториот ГЕФ Дримски проект, кој има за цел имплементација на приоритетните активности за заштита на водните ресурси.

На настанот ќе учествуваат претставници на надлежни институции од државите во Дримскиот Басен, локални самоуправи, јавни претпријатија за управување со води, како и регионални и меѓународни организации.

Во фокусот на конференцијата ќе бидат досегашните резултати од спроведувањето на Стратешкиот план за Дримскиот Басен, примената на Европската рамковна директива за води, како и мерките за намалување на загадувањето на водните ресурси.

Дополнително, ќе се разговара и за поврзаноста помеѓу Стратешкиот план за Дримскиот Басен и Зелената агенда на Европската Унија, при што ќе бидат презентирани и информации за процесот на одобрување на новиот ГЕФ проект за заштита на сливот на Охридското Езеро.

Свеченото отворање на конференцијата е закажано за 2 јуни во 13 часот во хотел „Дрим“, каде свои обраќања ќе имаат претставници од Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, институции од регионот, како и претставници на УНДП, УНЕЦЕ и Глобалното партнерство за води – Медитеран.

Организаторите посочуваат дека конференцијата претставува важна можност за зајакнување на регионалната соработка и координирано управување со водните ресурси во регионот на Дримскиот Басен.