На 30.05.2026 година (сабота), со почеток во 19:00 часот, во манастирот „Света Недела“ Оровник ќе се одржи промоција и проекција на филмот „Приказна за една охридска свадба“, како и промоција на проектот „Светлина на верата“.
.Проектот „Светлина на верата“ претставува изработка на веб страна за црквите и манастирите во Охрид и Дебрца, преку која посетителите ќе можат со скенирање на QR код и со помош на интерактивна мапа поставена на веб страната, лесно да пристигнат до црквата или манастирот што сакаат да го посетат.
На веб страната ќе бидат достапни информации за црквите и манастирите, фотографии, интервјуа, духовни содржини, како и црковни песни, со цел да се зачува и доближи богатото духовно и културно наследство на Охрид и Дебрца до пошироката јавност.
Филмот „Приказна за една охридска свадба“ низ автентични сцени, музика и традиционални обичаи ја доловува убавината на охридската свадбена традиција. Во време кога старите обичаи полека исчезнуваат, преку оваа приказна се оживуваат дел од вредностите, емоциите и духот на старите охридски свадби — исполнети со песна, љубов, семејна топлина и вековна традиција.
Проектите ги изработија учениците од Средното стручно училиште СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, со поддршка од Општина Охрид и Општина Дебрца.
Ментори на проектот се Маја Цветанова Терзиоска и Андријана Паскали.
Покрај промотивниот дел, настанот ќе биде збогатен и со музичка програма.















