Денешниот 5 Мај, Денот на македонскиот јазик со пригодна манифестација беше одбележан и во ОУ „Братство Единство“ во Охрид.
Со многу љубов, песна и гордост го одбележавме 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и на македонската азбука, истакнуваат од училиштето.
-Во заедничка организација на учениците и наставниците од двете училишни згради од одделенска и предметна настава, денес на сцената од нашето училиште одекнуваа најубавите зборови и песни напишани на кирилица.
Преку емотивниот рецитал и креативните музички изведби, учениците потсетија дека кирилицата е нашиот корен и идентитет. Во топла атмосфера се славеше моќта на буквите и аманетот на предците, додека мелодичните песни беа искрен поздрав до децата и до нашата татковина Македонија.
Оваа приредба, подготвена со голема посветеност, беше одраз на нашето заедништво и силниот стремеж да го чуваме македонскиот збор како најсвето богатство. Нека ни е честит и вечен празникот, стои во објавата на школото.













