АктуелноОхрид

Едукативен проект „Општински семафор 2026“ од областа на сообраќајот

Во организација на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Општинскиот совет за детско престапништво Охрид, на 16  и 17 април 2026 година во Охрид ќе се одржи сообраќајно едукативниот проект  „Општински семафор 2026“ наменет за едукација на децата и младите од областа на сообраќајот и јакнење на нивната сообраќајна и безбедносна култура.

Утре со почеток во 09.30 часот, по извршено регистрирање на учесниците од основните училишта, ќе биде спроведено теоретското тестирање на екипите со полагање сообраќајни тестови а задутре од 09.30 часот, на сообраќаен полигон поставен на кеј „Македонија“, ќе се реализира практичниот дел на кој ученичките екипи ќе ги покажат своите сообраќајни знаења и вештини преку управување велосипед.

Во рамките на предвидените активности на 17 април, на кеј „Македонија“ ќе биде одржан сообраќаен квиз за средношколци, симулациска показна вежба за прва помош, аукција и наградување на најдобрите ликовни творби, читање и наградување на најдобрите литературни творби а ќе биде изведена театарска претстава „Чувари на улицата“. Во 13 часот, на екипите учесници ќе им се обрати градоначалникот Кирил Пецаков по што, ќе следи прогласување и доделување награди на победниците од основните и средните училишта. Предвидените активности ќе бидат обезбедувани од полициски службеници од СВР Охрид кои ќе бидат дел и од стручната оценувачка комисија.