АктуелноОхрид

„Охридска вечер“ во Белград: Признание за придонес во развојот на туризмот

Во Белград, Србија, вчеравечер се одржа традиционалната „Охридска вечер“, настан посветен на промоција на туристичките потенцијали на Охрид пред претставници на туристичкиот сектор од регионот.

Во рамки на свеченоста беше доделена специјална повелба од страна на Балканска алијанса на хотелски асоцијации (BAHA), како признание за гостопримството, соработката и придонесот во развојот на туризмот на Балканот.

Настанот е дел од промотивните активности на Општина Охрид во рамки на 47. издание на Меѓународен саем за туризам во Белград и претставува значајна можност за воспоставување нови контакти и унапредување на туристичката соработка.

Од Општината посочуваат дека остануваат посветени на континуирана промоција на Охрид како атрактивна туристичка дестинација, со цел привлекување на поголем број туристи и јакнење на регионалната соработка во туристичкиот сектор.