Општина Охрид и оваа година активно учествува на Меѓународниот саем за туризам во Белград, кој се одржува под слоганот „Едно патување, илјада приказни“. На оваа престижна туристичка манифестација, Охрид ја презентира својата богата и разновидна туристичка понуда.
Градоначалникот Кирил Пецаков информира дека општината настапува заедно со Министерство за култура и туризам, ХОТАМ и други туристички чинители, со цел промоција на културното наследство, природните убавини и гастрономската понуда на градот.
Во рамки на саемските активности, Пецаков остварил средби со туроператори, претставници на пријателски општини и медиуми, како и со амбасадорот на Република Македонија во Србија, Никола Тупанчески. Средбите биле насочени кон зајакнување на меѓусебната соработка и привлекување нови туристи во Охрид.
Како дел од програмата, најавена е и традиционалната „Охридска вечер“, на која ќе присуствуваат претставници од туристичкиот сектор од регионот, со цел дополнително промовирање на туристичкиот потенцијал на градот.











