Поради екстремното заматување и загадување на водата за пиење во Струга, Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет за утврдување на причините и можните кривични дела против животната средина.Следува обемна истрага во која се вклучени повеќе инспекциски и безбедносни служби.
Истрага кај изворот Шум – главен извор на водоснабдување
„Во координација со МВР – ОВР Струга издадена е наредба правосудната полиција да изврши увид во селото Шум, каде се наоѓаат изворите што го снабдуваат Струга со вода. На увидот ќе присуствуваат инспекторите од животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за јавно здравје“, соопшти Јавното обвинителство.
Институциите ќе спроведат дополнителни теренски проверки и земање примероци за лабораториска анализа.
Кризата трае веќе една недела. Од чешмите тече темнокафеава вода со заматеност која, според анализите, е 30 пати над дозволеното ниво. Водата е прогласена за технички неисправна и забранета за употреба – за пиење, готвење и лична хигиена.
Оставка на директорот на Водовод: „Ова е еколошка катастрофа“
Директорот на ЈП „Водовод и Канализација“ Струга, Меџијаит Јусуфоски, поднесе оставка поради ескалацијата на кризата.
„Ова е огромна еколошка катастрофа. Во 43 години работа не сум видел вакво заматување. Ги информирав сите институции, но моите надлежности се ограничени. Поради тоа поднесувам оставка“, изјави Јусуфоски.
Тој побара итно утврдување на причините за загадувањето и преземање итни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
ЦЈЗ: „Водата е како кал“ – потврдено екстремно загадување
Според првичните резултати на Центарот за јавно здравје, на 11 февруари заматеноста на водата од изворот Шум достигнала 28,59 проценти, што е повеќе од дваесетпати над максимално дозволената вредност од 1,5 проценти.
„Направив мониторинг на терен и водата во изворот е буквално како кал. Мерењата во куќите и училиштата покажуваат екстремна матност и обоеност. Граѓаните моментално може да користат само флаширана вода или езерска вода за одржување хигиена“, изјави тогаш Лидија Симонска од ЦЈЗ.
Полицијата и инспекциите ги проверуваат можните извори на загадување
Полицијата, инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство и други надлежни служби се на терен кај изворот Шум, со цел откривање на причините за загаденоста на водата.
Ова не е првпат да се појави проблем со квалитетот на водата во регионот. Жителите со години предупредуваат на нестабилен систем на водоснабдување и сезонски зголемена матност. Надлежните најавуваат дополнителни лабораториски испитувања и мониторинг до нормализирање на состојбата.
DW










