Македонската револуционерна борба е нашето вкоренето чувство за слобода, достоинство и национална припадност. Таа претставува долг процес, исполнет со храброст, жртва и огромна љубов кон татковината.
На 23-ти октомври, пред 132 години, група храбри Македонци ја формираа Внатрешната Македонска Револуционерна организација. Тоа беше чин, кој значеше почеток на борбата за нашата национална независност и државност.
Во текот на вековите, Македонците се кревале на востанија и отпори против различни окупатори, борејќи се за својата слобода и идентитет.
Таа борба не била лесна, потребна била храброст и голема верба во македонската кауза, дека нашиот народ заслужува свое место под сонцето, со свој јазик, култура и иднина.
Охрид, со својата богата традиција и историја, отсекогаш бил дел од револуционерната идеја. Горди сме што нашиот град дал многу херои и е активен учесник во најважните моменти од македонската борба за слобода.
Затоа, ние охриѓани овој празник не го славиме само како спомен, го славиме како обврска да продолжиме да бидеме чувари на идеалите на сите оние кои ги положиле своите животи и да градиме општество кое ќе биде праведно, демократско и посветено на младите генерации.
Иднината не треба да се чека, иднината треба да се создава, а секој од нас има своја улога, со знаење, со работа и со љубов кон својата родина. Затоа продолжуваме заедно и сплотени кон нови победи и успеси за подобар живот во нашиот Охрид.
Нека овој празник не потсетува кои сме, што сме и зошто е важно никогаш да не отстапиме од своите вредности. Револуционерната борба нека биде нашата вечна инспирација за зачувување на нашиот национален идентитет и се што е македонско.
Да биде честит и вековит Денот на Македонската револуционерна борба, да го славиме и почитуваме овој празник уште многу години! Нека е вечен Охрид , нека е вечна Македонија!











