Наш ИзборНаш изборОхрид

Реканското бдение во Бигорски – Тајната на Крстот и на Светото Богојавление

Длабоко во молитвената ноќ, кога светот изгледа затворен во својата тишина, Црквата се отвора кон вечноста, и сето создание бива осветлено од зраците на Христовата преобразувачка светлина. Таква беше и оваа благословена ноќ во нашата Свештена Бигорска Обител, во навечерието на Светото и светло Христово Крштение. Реканското бдение, со својата вековна традиција и посебната убавина, стана за сите нас уште еден прозорец кон небесата, сведочејќи за цврстината на верата и за неразрушливата врска на православниот мијачки род со Крстот Христов.

Изминатата ноќ, кумовите од мијачките села пристигнаа во светиот дом на Чесниот Претеча и Крстител, носејќи ги крстовите што ги чувале во своите домови през целата година – не само како знак на побожност, туку и како печат на својот завет со Христа Бога. Крстовите беа украсени со китка босилек и врвка од бел и црвен конец – белата боја како симбол на Воскресението и надежта, а црвената како спомен на маченичката крв и на подвигот за верата.

Во храмот, исполнет со благоухание на темјан, босилек, молитва и песнопенија, крстовите беа поставени пред олтарот, каде што браќата јеромонаси ги врзуваа со црвено-белите конци за царското цвеќе што израснало на Страшната Голгота, напоено од пречистата Крв Спасителова. Крстот, како вечен симбол и сила на Љубовта што се распна за светот, го обедини сите присутни, потсетувајќи ги дека верата не е само личен подвиг, туку, пред сè, живот во заедница, живот што се споделува во Телото Христово – Црквата.

Во средоточието на оваа светла ноќ, кога празничните стихири се вознесуваа како молитва за светот, Претечевиот храмот се претвори во место каде што земјата и небото другаруваа. Секоја песна, секој тропар, секоја молитва, секое движение на благодатното богослужение сведочеше за мистичната реалност на Богојавлението – моментот кога Спасителот на светот влезе во водите на Јордан и му Ја објави Светата Троица на светот.

Зенитот на ноќта беше Божествената Евхаристија, тајноводена од нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. Во ова Таинство над сите таинства, светлината на Христовата љубов се излеа како поток на благодат, преобразувајќи ги срцата на верните, правејќи ги приемчиви садови за примање на Неговите спасителни Тело и Крв.

На крајот од Светата Литургија, Старецот го изврши чинот на Големиот Богојавленски водосвет во манастирската фијала. Ова посебно богослужбено последование, исполнето со врховно богословие, ја објавува преобразбата на светот преку Христовото Крштение. Водата, осветена преку благодатните дејствија на Светиот Дух, станува извор на прероден живот, средство за исцеление и благослов. Таа не е само симбол, туку вистинско учество во новата реалност што Богојавлението на Јордан ја донесе во светот.

Вчерашното бдение го собра не само локалниот народ и мијачките иселеници, туку и млади луѓе од повеќе места на нашата татковина. Од нив, пак, особено се истакнуваше групата благочестиви охриѓани, кои, како и секоја година, со својата радост и ревност, пристигнаа за да се помолат на Свети Јован Крстител на бдението и да го испросат благословот на Старецот владика г. Партениј, пред утрешното положување на светиот крст во Охридското Езеро, кога сите тие ќе поитаат по него во водата. На крајот од богослужението, младите охриѓани едногласно го испеаја празничниот тропар „Во Јордане“ пред работниот кабинет на Старецот, како химна на верата и радоста што ја носи овој голем празник.

Реканското торжество заврши со благослов од нашиот Владика, кој ги повика сите присутни да живеат во светлината на Христовото Богојавление, да го носат Крстот со љубов и радост, и да бидат сведоци на вистината и на милоста Божја. Тој напомена дека оваа ноќ, полна со благодат и молитва, останува како сведоштво за нераскинливата врска на нашите предци со Крстот и за силата на верата што ги одржала низ вековите.

 

 

 

Бигорски манастир