АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Денес се празнува Свети Амвросиј, епископ Медиолански (Милански)

Овој голем Свет отец на православната Црква беше од прочуен род; татко му беше царски намесник на Галија и Шпанија, но по вера незнабожец, а мајка му христијанка. Додека беше уште во лулка како малечок, еднаш се спушти рој пчели врз него, излеаја мед на неговата уста и одлетаа. И уште како дете ја пружаше раката и пророчки велеше: „Целивајте, бидејќи ќе бидам епископ“. По смртта на својот татко, царот го постави за свој намесник на Лигурската област, во којашто главен град беше Медиолан, денешно Милано. Кога умре епископот на тој град, падна голема расправија меѓу православните и еретиците аријанци околу изборот на новиот епископ. По својата должност, заради одржување на редот, Амвросиј влезе в црква. Притоа едно дете извика на мајчините гради: „Амвросиј – епископ!“ Сиот народ ова го прими како глас Божји и наспроти волјата на Амвросиј, него го избраа едногласно за епископ. Тој се крсти и за една недела ги помина сите претходни чинови и беше ракоположен за епископ. Како епископ Амвросиј ја утврди православната вера, ги потисна еретиците, ги украси црквите, ја распростре верата меѓу незнабошците, напиша многу поучни книги и послужи како пример на вистински христијанин и христијански пастир. Тој ја состави и благодарствената песна: „Тебе Бога Те фалам“. Овој славен јерарх, кого заради неговата мудрост и слаткоречивост го посетуваа и луѓе од далечни земји, беше мошне воздржлив, трудољубив и бодар. Спиеше малку, работеше многу и Му се молеше на Бога непрестајно, постеше во сите денови освен во сабота и недела. Затоа Бог му даде да види многу Божји чуда, а и самиот да чудотвори. Ги откри моштите на Светите Протасиј, Гервасиј, Назариј и Келсиј (се слават на 14 октомври). Кроток кон малите луѓе, пред големите беше бестрашен. Ја изобличи царицата Јустина како еретик, тиранинот и убиецот Максим го проколна, на царот Теодосиј му забрани пристап во храмот сè додека не си го покаја гревот, со насилниот и самонаречен цар Евгениј не сакаше ни да се сретне. Овој богоугоден маж Бог го дарува со толку благодат, што и мртви воскреснуваше, демони од луѓето изгонуваше, болни од секаква болест исцелуваше и проѕираше во иднината. Се упокои мирно во мугрите на Воскресение во 397 година.

denovi.mk