АктуелноОхрид

(ФОТО) Душица Будиноска од Струга нова Христова монахиња во Манастирот Пречиста -Кичево

Во атмосфера на свештен трепет и на длабоко духовно ликување, вчеравечер во Свештената Обител Пречиста Кичевска, на вечерната богослужба се одвиваше еден од највеличествените моменти во животот на нашата монашка заедница – монашењето на нашата сестра Душица Будиноска од Струга, која го доби својот нов монашки идентитет пред Бога и пред луѓето, понесувајќи го достоинствено името на Светата рамноапостолна Христова првомаченица Текла. Ова небоземно собитие, исполнето со небесна благодат и со тивка радост, донесе пред Бога уште една душа целосно посветена на подвигот на љубовта, уште една запалена ламбада пред Тронот Троичен.

Монаштво“, ќе каже во една прилика нашиот монашки родител во Христа, Старецот Епископ Антаниски г. Партениј, „е срцето на духовниот живот на Црквата, врутокот од кој извираат светителите и учителите на богопознанието. Во длабините на свештеното предание, монаштвото не е само избор и начин на живот, туку, пред сѐ, применета теологија, живo Евангелие, подвиг за ослободување на човекот од стегите на овој свет, со цел да се постигне вистинската и вечна слобода во Христа.

Човечката природа, низ монашкото жителство, се преобразува преку учество во животот на Воскреснатиот Христос. Тој подвиг не е само аскетско отфрлање на светот, туку пред сè и над сè – љубовна жртва, во која монахот го вложува сето свое битие во стремежот кон совршенството, кон Бога. Овој подвиг е икона на есхатолошкото Царство, во кое човекот станува она што е предназнаечен да биде – образ и подобие Божјо.

Оттука, монаштвото е пат на обожение, каде што човекот, преку богослуженијата, непрестајната молитва и соединувањето со Божествената благодат, го восовршува своето битие. Монашкиот живот е повик на отфрлање на себичноста, егоизмот и личните желби, заради прифаќање на Христовата волја, преку смирение, послушание трпение и љубов.

Во монаштвото се открива вечната вистина дека човекот е создаден за заедница со Бога. Секој монах во својата ќелија е еден мал свет, но и арена во која се одвива битката за вечниот живот. Монасите не се само испосници и молитвеници, туку и живи сведоци на Царството кое веќе започна, на царството Божјо, дојдено во сила (Марко 9,1), но кое допрва ќе се објави во својата полнота. Монасите преку својата посветеност го покажуваат патот за секој Христијанин – патот кон лична преобразба и воскресение.

Со еден збор, монашкиот живот е вистинска и врховна теологија во дело, она што Отците на Црквата го нарекуваат „литургија на срцето“, каде што секој миг од животот е принесен како жртва на љубовта и стремежот кон Бога, преку непрестајниот спомен на Господовото име и присуство“ (Извадок од монашки синаксис, септември 2024 г.).

Пресвета Богородица, пак, Која го носеше во себе Божествениот Логос, е највозвишената икона на монашкиот живот, бидејќи во своето целосно смирение и послушание кон Божјата волја, го воплоти совршениот подвиг на љубовта. Таа е најголемата заштитница на монасите и монахињите, кои во своето откажување од светот ја следат нејзината пожртвувана преданост и чистота. Како духовна Мајка на сите кои монахуваат, Пречистата постојано се моли за оние кои Го бараат Бога со сето свое срце, охрабрувајќи ги во нивниот подвиг и запазувајќи ги од притесненија и искушенија. Во неа монасите ги наоѓаат своите вдахновение, утеха и сили, бидејќи Таа е најчистиот пример на потполно покорување на Божјата волја – патот на обожението што секој монах тежнее да го оствари.

Во духот на овие нешта и во атмосфера на свештен трепет и на длабоко духовно ликување, вчеравечер во Свештената Обител Пречиста Кичевска, на вечерната богослужба се одвиваше еден од највеличествените моменти во животот на нашата монашка заедница – монашењето на нашата сестра Душица Будиноска од Струга, која го доби својот нов монашки идентитет пред Бога и пред луѓето, понесувајќи го достоинствено името на Светата рамноапостолна Христова првомаченица Текла. Ова небоземно собитие, исполнето со небесна благодат и со тивка радост, донесе пред Бога уште една душа целосно посветена на подвигот на љубовта, уште една запалена ламбада пред Тронот Троичен.

Сестрата Текла, духовна рожба на нашиот возљубен татко во Христа, Старецот Епископ г. Партениј, своето духовно патување, со негов благослов, го започна под будната и мајчинска грижа на старешинката на Пречистанската Обител, монахиња Харитина. Нејзиниот досегашен живот, исполнет со трудољубие, молитва, послушание и искрена љубов кон Бога, беше запечатен со рамноангелскиот монашкиот постриг, кој, пак, беше извршен од пастирските раце на нашиот ценет монахољубив Митрополит, Високопреосвештениот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Ова свештенолепно дело се одвиваше во благодатно присуство на посакуваниот Жених на монашките души – Господ наш Исус Христос, на Мајката Божја, на Ангелите, на Светиите, на целата небесна Црква, додека од земската Црква, освен Светиот Дебарско-кичевски и Светиот Антаниски, бројно монаштво и духовенство од нашата епархија и недоброен народ, на нашата голема чест присуствуваа и: Високопреосвештениот Митрополит на Олулу г. Илија, од Црквата на Финска и светиот светогорски Старец, Архимандритот г. Антипа со своите чесни синодии.

По светиот чин на монашкиот постриг нашиот драг Митрополит г. Тимотеј, со своето архипастирско слово за монашкиот живот, ја поучи сестра Текла за нејзиниот нов животен пат.

Свештената и празнична атмосфера на необично убавиот Храм ја надополнуваа и ангелогласните химни и пенија на нашиот мил пријател Архимандритот г. Херувим и на неговите сопатници од Црквата на Грција, додека на левата певница чудесните стихири ги исполнуваа бигорските браќа и хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево.

Со огромно присуство на верен народ, овој настан беше сведоштво за непрестајната љубов и благодат што монашкиот живот ја носи за целата Црква. Новата невеста Христова Текла, осветувана преку монашкиот подвиг, ќе продолжи да биде светилник на Божјата љубов за сите што ќе ја сретнат, сведочејќи за вистинската смисла на христијанскиот живот – живот во целосна посветеност на Бога. Нека добриот Христос го благослови нејзиниот подвиг и нека ѝ дарува сили, за да го изоди овој трновит, но благодатен пат, исполнет со молитва, смирение и љубов кон Бога и кон ближните. Нека нејзиниот живот биде извор на благодат и светлост за целата црковна заедница, сведочејќи за силата на монашкиот подвиг и за преобразувачката моќ на Божјата љубов! Амин.

 

Бигорски манастир