АктуелноОхрид

(ФОТО) Од празнувањето на преподомномаченица Параскева и Св.свештеномаченик Ермолај во црквата Св.Петка кај Св. Наум

„Благочестива (Параскево), украсу на мачениците, откако си силата на крстот ги порази сплетките на непријателите, и храбро ја победи свирепоста на мачителите, ја проповедаше верата во Бога“ (песна од канонот на Утрена на св. преподобномаченица Параскева).

 

На 08.08.2024 година, на празникот на светата преподобномаченица Параскева и на светиот свештеномаченик Ермолај, во храмот „Св. Петка“ во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денеска светата православна Црква ја прославува св. маченичка Параскева – Петка Римјанка. Таа Го прославила Бога со нејзиниот подвиг, со тој зрел плод на нејзината длабока вера и љубов кон Господа Исуса Христа. Прославувајќи Го Бога преку подвигот, таа постанала силна проповедничка  на верата и љубовта. Оваа маченичка вистински ги разбрала зборовите Христови дека по Него треба да се врви  со жртва на самоодрекување. Навистина го разбрала живиот дух на проповедта Христова, кој најплодоносно се благовестува преку пројавата на вера и љубов во личниот живот. Затоа Исус Христос непрестајно повикувал на усовршување на луѓето како единствен пат кон спасението. Секој Негов збор е повик кон совршенство, одење кон идеалот – Бог.

Според учењето на Христа Спасителот  совршенство се постигнува преку послушноста на волјата Божја. Послушникот Божји не бара ништо за себе, а кое нема да биде  од општо добро за сите луѓе, зашто сите треба да постанат народ Божји, нов народ на правдата, доброто, чистотата и духовната висина. Секоја  проповед на Исуса Христа, без оглед на што се однесува и без разлика дали е за некоја духовна или материјална потреба на луѓето, има цел да го побуди и да го засили кај луѓето стремежот кон богопослушност. Има за цел да ги разбуди усилбите за надминување на богоотуѓеноста, а за враќање од далечното расипништво во татковиот дом исполнет со духовно изобилство.

Исус Христос проповедал идеал на совршенство за послушниците Божји, но и Он Самиот бил сепредан послушник Божји. Он кажал дека е дојден на земјава да ја изврши волјата на Отецот Кој Го испратил (Јн. 6,38). Зборовите, пак, Му одговараат на Неговиот живот. Зборовите и животот имаат два извора во Него, а еден Бог. Исус Христос ја проповедал вистината во Својот живот и ја живеел вистината. Зраците на живот и на зборови во Неговата проповед доаѓале од една Светлина. Он е Светлина од Светлината. Токму совршеното единство на Личноста на Исуса Христа ја прави Неговата проповед да биде толку силна и убедлива. Затоа и слушателите ја примиле Неговата проповед со вера и ја чувале во своите срца. Затоа Он и можел да укорува за правда и да ги прашува оние кои Го клеветеле и хулеле: Кој од вас ќе Ме обвини за грев? (Јн. 8.46).

Исус  Христос проповедал  со Својот живот, со Своето смирение и кротост, со Своето самоодрекување и исполнување на волјата Божја, и со љубовта кон сите луѓе. Он благовестувал со Својата  чистота, со Својата решеност за исполнување на волјата на Отецот да се принесе како жртва, како Јагне непорочно за спасение на луѓето.

Исус  Христос проповедал  со Својот  живот, и таа проповед била делотворна кај многумина кои го барале спасението. Така биле привлечени и Неговите  ученици. Затоа и Христос им вели: Вие не Ме избравте Мене, туку Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и род да принесете (Јн. 15,16). Слушателите Христови силно ги прегрнале Неговите  зборови. Можеле ли тие да се спротивстават на таа сила и на тој призив? Од вистинскиот повик никој не може да отстапи и да побегне. Тој призив го следи човекот како тревожна судба дури и тогаш кога прави усилби тоа да го измени. Оној кој има призив на љубов или на пожртвуваност, колку и да бега од тој повик повторно ќе се сретне со него. Само наемниците во животот се  наемници и за повикот. Но, во нив нема   вистина,  и таа нема одраз во нивниот живот и дело. Тие се разјадени од своите скаменети срца.

Верата сама по себе е прекрасен дар Божји и без тој дар не е можно да Му се угоди на Бога (Евр.11,6) и да се благовестува за Исуса Христа. Напразно се трудат да благовестуваат за верата Христова луѓето кои ја немаат преживеано длабоко во своето срце или кои се маловерници. Нивните зборови, колку и да се украсени, нема да ја одразуваат светлината и топлината на љубовта, та таа да го препородува животот на луѓето. Верата, ако нема дела, сама по себе е мртва (Јк. 2,17). За верата се суди по делата на љубовта. Затоа  е ценета  верата  која дејствува преку љубовта (Гал. 5,6).

Ако и ние сме вистински почитувачи на светиите, и ако одејќи во храмот Божји вознесуваме  искрени молитви кон нив,  за да бидеме удостоени со милостите Божји,  потребно е и да ги подражаваме во нивните подвизи. Само така ќе постанеме благовесници Христови. Тоа ќе биде полнота на нашиот живот и украс на нашите срца. Тоа ќе биде залог за нашето спасение и постојан извор на христијанска радост.

Светата маченичка  Параскева – Петка, чиј спомен денеска го прославуваме во овој свет Божји дом, да биде наша закрилница и помошничка во нашиот постојан стремеж кон совршенството и кон Бога, сега и во сета вечност. Амин!

Света Петка

Параклис „Св. Петка“ – ман. „Св. Наум Охридски“ Охрид

08.08.2024 год.