Наш изборНаш ИзборОхрид

Утре, Велики петок, најтешкиот и најтажниот ден во годината

Верниците и црквата утре го одбележуваат Велики петок, денот кога, по верувањата е распнат Исус Христос. Велики петок се смета за најтежниот ден во христијанството и за него се поврзуваат голем број верувања и обичаи.

Велики петок е христијански празник на кој се одбележува страдањето на Исус Христос, неговото распнување на чесниот крст и неговата смрт за спасување на светот.

На тој ден црквата се сеќава на настаните кои претходеа на распнувањето на Христос – од моментот кога Исус беше изведен пред судот, па сѐ до моментот кога е симнат од крстот и положен во гробот кој го чувале војници за да спречат некој да го украде неговото тело.

Поради тоа утре се смета за најтажен христијански празник. Утре се пости строго, не се пее, не се весели, а до Велигден, денот кога Исус воскреснува, не ѕвонат камбаните во црквите, бидејќи тие симболизираат радост.

Утре не се зимаат во рака игли и шајки. Старите велат – не е добро. Овој ден се нарекува и „Распет петок“, па се верува дека денес не е добро да се допираат остри предмети за да не се „повредуваат раните на Исус“. Поради тоа утре чевларите и кројачите не работат.

Во некои краишта се верува дека утре вештерките фрлаат магии, па децата не смеат да излегуваат од дворот. Слично на тоа, се верува дека девојките што ќе земат цвеќе од црковната порта на овој ден и ќе го стават под перница ноќта пред Велика сабота, ќе го сонуваат оној што им е предодреден.