По 11 години чекање, проектот за изградба на покриениот базен во Охрид треба конечно да биде завршен, информира пратеникот во Собранието и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, Сашо Донев.
Според информациите што Донев ги објави на својот Фејсбук профил, на денешната владина седница бил направен значаен чекор кон конечно завршување на долгогодишниот проект, при што Владата обезбедила приближно 8 милиони евра за негова целосна реализација.

„Конечно! После 11 години чекање, Охрид го добива покриениот базен“, објави Донев.
Тој нагласува дека покриениот базен е објект кој му е неопходен на Охрид, особено за развојот на спортот и создавањето подобри услови за децата и младите.
Донев упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и министерот за спорт Борко Ристоски, посочувајќи дека покажале волја проектот конечно да биде реализиран.

„Продолжуваме да се бориме за секој еден проект што му треба на градот, затоа што Охрид заслужува подобри услови“, порача Донев.
Покриениот базен е еден од проектите во Охрид чие завршување се очекува подолг период, а според денешната објава на Донев, со обезбедувањето на потребните средства треба да се создадат услови за негово конечно комплетирање. “


















