АктуелноОхрид

Одржан редовен состанок на Ротари Клубот Охрид, свечено примопредавање на претседателството за актуелната ротаријанска година

Ротари Клубот Охрид вчеравечер, во пријатна атмосфера во Хотел „СУ“, одржа редовен состанок на кој беше извршено свечено примопредавање на претседателството за актуелната ротаријанска година.
На состанокот се разговараше за активностите и настаните реализирани во изминатата ротаријанска година, како и за идните планови и активности кои претстојат во тековната година.
Во присуство на членовите на клубот, паст претседателот Никола Мујоски свечено му го предаде Ротаријанскиот ланец, заедно со инсигниите, на м-р Ерхан Су, кој го презеде мандатот и претседателството на клубот за оваа ротаријанска година.
Паст претседателот Никола Мујоски пред присутните се заблагодари за укажаната доверба и изрази чест и задоволство од досегашното работење и дејствување на клубот. Притоа, изрази особено задоволство што раководењето со клубот го презема м-р Ерхан Су, долгогодишен и истакнат ротаријанец, кој од 2009 година со својата посветена работа директно придонесе за изградбата на Ротари Клубот Охрид, како и за подигнувањето на Ротаракт Клубот од Охрид.
М-р Ерхан Су, истакнат угостител во нашиот град и држава, зад чија креативност и посветеност стојат бројни успешни приказни кои ставија свој печат и го одбележуваат Охрид и Македонија, ја претстави својата визија и планови за идниот период.
Притоа, тој ја изрази својата силна волја за понатамошно успешно работење на клубот, со јасна определба за оставање неизбришливи траги од неговото дејствување во нашата заедница и пошироко. Сето тоа, како што истакна, ќе се темели на заедништво, сплотеност и придонес преку заедничкото дружење и дејствување во вистинската и исправна насока, во чекор со предизвиците на модерното време.
Меѓу другото, Ротари Клубот од Охрид важи за еден од првите Ротари клубови во Македонија и претставува важна алка на ротаријанството, како во Македонија, така и пошироко.
Со својата долгогодишна дејност, клубот се истакнал со реализација на проекти од голема важност за нашата заедница, градот Охрид, околината и државата, притоа остварувајќи соработка со клубови во и надвор од нашата земја преку бројни локални и меѓународни проекти.
Овие активности и проекти и денес претставуваат директен придонес и корист, особено за нашата локална заедница.